Јубилејниот петти долгометражен филм на Милчо Манчевски BIKINI MOON  (2017) ни ја носи неговата добропозната естетика, овојпат спакувана во свежа и повеќеслојна перспектива.  Со ова тој им даде на новите генерации филмски обожаватели дело со неговиот препознатлив печат.
BIKINI MOON е интернационална продукција, премиерно беше прикажан во Сао Паоло – Бразил на  филмскиот фестивал односно 41st Mostra Internacional de Cinema.

Една филмска екипа на хипстери во Њујорк ја бара својата бајка, онаму каде што луѓето најчесто гледаат неволји и трагедии – Центарот за грижа на бездомници. Таму ја пронаоѓаат својата принцеза – Бикини (Condola Rashad) која со својата харизматичност и невротичност е права слика за скицофреноста на денешницата.
Изведбата на Condola Rashad е out of this world experience што до последен момент го држи гледачот жеден за повеќе; и поради мистеријата околу нејзиниот карактер и поради умешноста со која таа ја води улогата. Емотивната состојба на Бикини излегува на површина и преку фантастична костимографија на Миси ДиПјеро.

BIKINI MOON e портрет на човекот низ повеќе камери. Преку мешање на филмски техники, Милчо Манчевски создава возбудлива мета-документарна бајка која ги прикажува човечките карактери, притоа правејќи филм за емоции.
Спојот  на снимениот материјал, фактичката реалност и она што е аплоудирано на социјалните мрежи создава наратив со главни и споредни ликови кој дава социјален коментар и ги прикажува виртуелните и реалните проблеми на општеството денес.

Кејт  (Sarah Goldberg) е волонтерка во Центарот за бездомници, а Тревор (Will Janowitz) е нејзиното момче режисер кое снима документарен филм со амбиции истиот да заврши на филмските фестивали. Тие решаваат да снимат документарен филм за Бикини и истовремено да и помогнат таа да го најде својот среќен крај.  Текот на настаните тргнува низ брдо кога невротичноста на Бикини прави таа константно да се навраќа на својот избувлив темперамент што доведува Кејт и Тревор да ги прикажат своите вистински нарави и мани скриени зад нивната бела и “емпатична“ привилегираност.

Интимноста во времето на преголемата присутност на социјалните мрежи е ставена во контекст со ранливоста на човекот пред филмската камера. Колку таа слика е реална, а колку е извртена? Дали емпатијата и помошта е секогаш посакувана и добредојдена? Дали емоционалните проблеми и карактерите на луѓето можат да се пресметаат и решат со логички формули,  или пак  тие се  нерешливи равенки со неколку непознати? Дали сите човечки судбини мора (и може) да се среќни? BIKINI MOON е филм кој ги поставува сите овие прашања.

Крајот на филмот, кој ги затече присутните во салата, беше совршениот крај, бидејќи во целост го опишуваше волшебно – луцидниот карактер на Бикини.  Нејзината невротичност тогаш ескалираше, бидувајќи нешто поисконско – она мало парче фантазија кое беше невидливо пред камерата на Кејт и Тревор, но беше причината поради која Бикини го привлече нивното внимание во Центарот. Сепак, постои некоја мала доза на симпатичност во тоа дека светот во кој живее Бикини, колку и да е нереален и изграден врз нејзината невроза, истиот е почист и поискрен наспроти сувопарната етика и ангажирана “емпатија“ на Кејт и Тревор.  Светот на Бикини се базира на верба.

BIKINI MOON е филм кој е каледиоскоп од современи прашања и проблеми, а режисерските решенија на Манчевски преку својата перспектива и субверзивност нуди одговори уште пред тие дилеми да станат мејнстрим.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/Bikini-1280x721-1024x577.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/Bikini-1280x721-150x150.jpgИвана СмилевскаФилмbikini moon,визуелна уметност,култура,македонска сцена,Милчо Манчевски,уметностЈубилејниот петти долгометражен филм на Милчо Манчевски BIKINI MOON  (2017) ни ја носи неговата добропозната естетика, овојпат спакувана во свежа и повеќеслојна перспектива.  Со ова тој им даде на новите генерации филмски обожаватели дело со неговиот препознатлив печат. BIKINI MOON е интернационална продукција, премиерно беше прикажан во Сао Паоло -...Нова мисла на пресушената почва.