Последното интервју кое го направивме во рамките на BOOKSTAR е со бугарскиот писател Антон Баев. Неговиот роман „Светата крв“, отвора многу табу теми, за забранетата љубов, за злосторството, одмаздата, простувањето.

Самиот автор би рекол: „Кога Флобер бил запрашан која е Мадам Бовари, одговорил ’Тоа сум јас!‘, истото го мислам и јас за ’Светата крв‘.“

Интервју

1. Кое е моментално најголемото табу според вас?

Во принцип на прв поглед може да се каже дека најголемото табу е одземањето човечки живот, убиството. Но, од друга страна кога ќе помислам на десете божји заповеди, табуата не се само едно. Кога ќе помислам од друга страна на правилото “заб за заб”, таму се оправдува убиството како одмаздување. Значи има многу варијанти во различните култури за тоа што е најголемото табу. Сепак, јас мислам дека најголемо табу се сите оние нешта кои не ти дозволуваат да бидеш свој. Фактички сите табуа кои не ти дозволуваат да го правиш тоа што го сакаш, што го чувствуваш и мислиш, треба да бидат преиспитувани, можеби во литературата, но пред се во уметноста. Уметноста е во тоа смисла едно отфрлање на бариерите и надминување на границите со цел создавање еден подобар, поразличен свет.

2. Книгата може да биде многу моќен медиум, се додека има кој да ја прочита. Како литературата повторно да го врати вниманието на јавноста?

Во денешно време се пишува повеќе отколку што се чита. Секако, за тоа помага интернетот, секој пишува се` и сите сакаат повеќе да се изјаснуваат пред да ја проверат точноста на тоа што го кажуваат, па се појавува ситуација во која имаме масовно пишување и минимално читање. А всушност можеби и не се чита толку малку, но поголемиот дел од денот на современиот европеец на пример, поминува пред компјутер, во виртуелната реалност,а не во дирекното комуницирање со печатената книга. А, печатената книга подлежи на редакторско препрочитување и критичка анализа, таа има друг тип на читател, кој бара повеќе од еден текст. Патот на книгата да стигне до таквиот читател и да допре до него е покомплексен. Тука авторот има неколку опции. Една варијанта е да се напише книга за масовна публика која книгата ја доживува како телевизиски серија, како нешто што го читаш и забораваш. Но, смислата на големиот роман е да изгради еден нов свет. Ние можеби не помниме по долго време конкретни настани од книгата, можеби, на пример во „Злосторсво и казна“ од Достоевски, ние не помниме точно како студентот ја уби бабичката, но го помниме целиот тој ужас и фактички тоа е една голема тема која е табу. Таа тема ја има и во мојот роман, за убиството и темата на забранетата љубов, ученикот кога се вљубува во учителката, тоа се форми на табу кои треба да се надминат. После таква книга во нас останува вкусот од некој друг свет, надвор од нашето време. Затоа и читаме, или одиме на концерт, за да избегаме на кратко од реалноста. И ако авторот умее да го изгради тој друг свет доволно добро, дури и да има некоја жестокост во него, може да се стигне, преку читањето, до некаква катарза или прочистување. Секако, ако книгата стигне до вистинскиот читател.

3.  Дали чувствуваш потреба да пишуваш за работи за кои многу луѓе не би се осудиле да пишуваат? 

Јас не знам дали денешниот човек има проблем да зборува и пишува за многу работи. Тука мислам во однос ,на пример, на средновековниот човек каде догмите се толку силни што ако би кажале нешто “погрешно”, тогаш би имало казна, сега тоа го нема. Значи современиот човек надминал многу од табуата на претходните времиња што сепак не значи дека нема нови табуа кои го ограничуваат. Така, според мене, секоја една тема во литературата е надминување на некакви граници, барем би требало да биде тоа. Така и јас со мојот роман „Светата крв“ се занимавам со теми како забранетата љубов, насилството и убиството на млади луѓе. Дејството се развива во едни многу лоши времиња за Бугарија и за Балканот, пред и за време на втората светска војна и комунистичкиот режим. Така романот ја отвора темата за така наречените комунистички логори каде неистомислениците се праќани. Книгата отвора една врата од историјата која зборува за неправедното казнување, а со тоа и се отвора можноста за одмазда. Како последица на тоа еден од ликовите се одмаздува и донекаде тоа е оправдано.

4. Дали ти се допадна дизајнот на корицата од книга и дали мислиш дека е метафорично соодветна на темата? 

Корицата на македонското издание ми се допаѓа повеќе од бугарското издание на книгата. Исто така и преводот е исклучително адекватен, има еден дел кој се појавува на почетокот на книгата и потоа се повторува во неколку наврати на значајни места во дејството, тој дел е поетичен и многу добро е доловен со преводот на македонски. За тоа му се заблагодарувам на преведувачот, Борче Георгиев.

5. Дали мислиш дека се` уште има место за табуа во модерните општества?

Според мене табуа се` уште има затоа што човековата психа е сама способна да си постави табуа. Така на пример самоубиството, тема која е доста работена и во литературата и во психологијата, е многу големо табу, забрането е и од христијанството. Но, фактички јас самоубиството не го гледам само како еднократно доброволно завршување на животот, повеќе мислам на типот на самоубиство кое човек го прави секојдневно. Тука мислам на живот во кој правиш нешто што не сакаш и тоа е тип на самоубиство кое влијае на твојата психа и те убива бавно. Од друга страна погледнато, самоубиството единствено е присутно кај луѓето, што значи дека тој нагон е кодиран во човековата психа и можеби без него ние немаше да можеме да размислуваме покомплексно, да зборуваме и да создаваме култура, затоа што културата е сублимација на нагонот за самоубиство кој секој од нас го чувствува. Уметноста во таа смисла е дефинитивно еден излез од монотоните чувства на секојдневието.

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/12/Антон-Баев-3-1024x585.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/12/Антон-Баев-3-150x150.jpgpirejКнижевностинтервју,книги,книжевност,литература,уметнициПоследното интервју кое го направивме во рамките на BOOKSTAR е со бугарскиот писател Антон Баев. Неговиот роман „Светата крв“, отвора многу табу теми, за забранетата љубов, за злосторството, одмаздата, простувањето.Самиот автор би рекол: „Кога Флобер бил запрашан која е Мадам Бовари, одговорил ’Тоа сум јас!‘, истото го мислам и...Нова мисла на пресушената почва.