[кон корпус]

Големиот скок во историјата

Првата светска војна и доктрините на тотална војна, бришејќи ги границите меѓу фронтот и заднината, ги разнишаа и родовите граници меѓу јавното и приватното.[1] Втората светска војна, за движењето на жените во Југославија, значеше на старите програмски начела да се додaде и „борбата против окупаторот“[2]. Најпрво се поврзале и започнале организирано делување членките на КПЈ, СКОЈ и активистките на предвоеното женско, студентско и младинско движење. Уште во почетокот на мај 1941, тие во повеќе градови организирале илегални курсеви за болничарки и собирање на жени во разни активности, како и читачки, воспитни и други групи, на чии состаноци се разјаснувале целите на антифашистичката борба и со неа поврзаната борба за национално ослободување и ослободување на жените.

[АФЗ ОМНИБУС]Алгоритми на еманципација2
Митинг на жени против војната, Мостар 1938 @afzarhiv.org

Во тие женски групи се развивала самосвеста за активистичкиот потенцијал на жените во отпорот против квинслинзите и окупаторите, а истовремено се укажувало на перспективите за работа на положбата на жените. Заради ваквиот мобилизаторски потенцијал, богатата документација наведува на примање голем број жени во раководството на КПЈ и СКОЈ, што пред војната претставувало редок исклучок[3]: „Тито стравувајќи дека мобилизацијата и репресијата ќе го десеткува партиското раководство, гледа во жените потенцијални кадри кои се „непознати за непријателот““[4]. Со колапсот на општествениот и економскиот живот (создавање воена состојба на исклучок), веќе станува невозможно фронтот да се смета за машки, а позадината за женски ефектив. Ваквото поимање, најмногу се однесува на потребата од апсолутна мобилизација, а со тоа и вклученост на женското население, без кое би била невозможна доктрината на општонародно востание и борба. Токму оттука можеме да почнеме да го бараме „политичкиот легитимитет“ на родовата дискусија во повоениот период.

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 2
За прв пат во училишните клупи @afzarhiv.org

Мобилизација на женско население

Во делот на женската мобилизација, интересно е да се осврнеме и кон процесите на генеририрање народна поддршка, односно служењето на АФЖ како линк меѓу селото и градот и попримањето на обоеноста на „патриотска војна“ (ова е силно изразено во Македонија – каде правото на самоопределување не било предходно разгледувано). За разлика од другите европски контексти, антифашистичката борба во Југославија (и во Северна Италија) била ефективно народен и масовен феномен, генерирајќи голема локална поддршка[5]. Од друга страна пак, микро-историски гледано, причините за женско вклучување биле одредени од комплексите на тоталната војна,  константната несигурност, начините за преживување, често преку поврзаност со машки член од семејството[6]. Огромно е военото влијание и на оној женски труд кој не бил вклучен на фронтот: работата на полињата, снабдување со резерви за борците, каритативен и санитарен труд, неформални престојувалишта за сираците и сл., биле уште еден голем воен ефект и импакт од женската мобилизација, преку НОО, СКОЈ, АФЖ[7].

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 2
АФЖ во Читлук (БиХ), 1941 @AdelaJucis

Општите услови за борба и отпор, како и традиции од предходни движења, влијаеле на тоа во поединечни земји и поединечни региони движењето да зазема свои специфичности, што најмногу се огледува во начинот на организирање и во нерамномерноста на неговиот развој. Ваквите тенденции стануваат видливи уште во официјализирањето и воспоставувањето хиерархиска организација на АФЖ, како дел од Народоослободителниот фронт. Имено, со директива на КПЈ од ноември 1942, а поттикната од барањето на хрватската секција на АФЖ, се воспоставува креација на АФЖ-секции во сите градови и села, кои треба да се централизираат во окружни, провинциски и регионални нивоа, со свои соодветни делегати (село/град – советници; регион/држава – републички делегати; федерален совет – федерални делегати).

Фундаментална разлика се јавува меѓу слојот на образовани урбани жени кои своите илегални комунистички активности ги започнале во меѓувоениот период (подоцна лидерки во кампањите на АФЖ) и младите селски жени кои се мобилизирани во партиските и борбените/санитарните фронтовски активности по почетокот на војната[8].

Состојба на исклучокот или за воениот легитимитет

Првата национална конференција на АФЖ се случува во Босански Петровац на 06.12.1942, а учествувале 116 делегати од сите региони на Југославија, освен делегатките од Македонија и Словенија, кои не пристигнале. Значајно е да се напомене и присуството на делегатки – претставнички на женските граѓански и напредни здруженија од предвоениот период. Оваа средба представувала хетероген симулкарум од жени од различни генерации, класни позадини, националности и вери. Присуството на Ј.Б. Тито, заедно со неговите оценки кон организацијата на АФЖ поминува низ паролата дека нивната борба  „е составен дел на една поголема борба – борбата за женската рамноправност (…) Сé она што денес не прави војска, е 90% заслуга на херојските Југословенски жени“[9]. Конференцијата ги потврдува предходно формулираните цели и ги зацрврстува преку креирање на хиерахиски скелет на организацијата кој ја прави од сложена grassroots герила кон семи-институционализирани народни органи на власт и одлучување на примарно ниво, со што жените за прв пат се вклучуваат во своите тесни средини во заедничко (политичко) учество во одлучувањето[10].

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 2
“Mostarke”, партизани обесени од окупаторот, @afzarhiv.org

Како главни цели на делување се поставени „борбата против фашизмот и окупаторот“ и продолжување на мобилизацијата на жени, и како двојност на таквата цел се јавува „организирањето борба за конечно ослободување на жените“[11]. Таа двојност на целите и задачите најсилно историски ќе се отслика во раниот повоен период (т.е. учеството на жените во инфраструктуралната и политичка обнова) кое ќе биде засегнато овде во вториот дел.

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 2
Собир на АФЖ, Сплит 1944

Она што можеме досега да го опишеме како развојна линија на таквата еманципаторска двојност, Лидија Скливички го складира во неколку редоследни дидактички целини: Одредувањето на патот кон рамноправноста; Соочувањето со дискриминацијата на терен; Традиционалните вредности во нов контекст; Судбината на институцијата семејство; Субверзивна слика („жената од нов вид“)[12].

Според официјалните бројки, два милиони жени учествувале во НОБ, таа бројка го прави АФЖ најголемо женско организирано движење во Втортата светска војна. Броело 100 000 жени (партизанки), а 2000 од нив добиле воен чин. 25 000 партизанки се убиени, а над 40 000 ранети во борба[13]. Женските права кои ќе ги разгледуваме во следниот дел настануваат и се легитимирани во и од борбата за нова народна власт.

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 2
“Wo ist Tito?” Напад на Дрвар, 1944. Госпа Талиќ измачувана од нацистички војници @yugopapir

[1] T. Okić, 157.

[2] N. Božinović, Žensko pitanje u Srbiji u XIX i XX veku, Beograd 1996, 131. [3] Ibid.

[4] T. Okić, 158.

[5] C. Bonfiglioli, Revolutionary networks – Women’s Political and Social Activism in Cold War Italy and Yugoslavia (1945-1957), Utrecht University, 2012, 68-69. [6] Ibid. [7] Ibid. [8] Ibid. 70

[9] N. Božinović, исто, 143: по војната ставот на тито за женската рамноправност се менува и е насочен кон улогата на мајчинството.

[10] Види повеќе за организацијата на АФЖ: N. Božinović, исто;  L. Sklevicky, исто;

[11] Од резолуцијата: To uverenje izrazile su u Rezoluciji konferencije: „Ostvarenjem postavljenih zadataka AFŽ će postati jedan od moćnih organa narodnog oslobođenja i borbe žena za očuvanje postignutih prava, za oslobođenje svih žena ispod fašističkog ropstva i sve šireg uvlačenja žena u sve oblike društvenog života”( N. Božinović, исто, 143).

[12] L. Sklevicky, исто, 28.

[13] T. Okić, исто, 159.

***

Слики: Adela Jušić “The will to power” (насловна); afzarhiv.org (архивски фотографии) (архивски фотографии).

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/adela-jusic-the-will-to-power.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/adela-jusic-the-will-to-power-150x150.pngИвана ХаџиевскаАнтроПропоАФЖ,војна,жени,историја,феминизамГолемиот скок во историјата Првата светска војна и доктрините на тотална војна, бришејќи ги границите меѓу фронтот и заднината, ги разнишаа и родовите граници меѓу јавното и приватното. Втората светска војна, за движењето на жените во Југославија, значеше на старите програмски начела да се додaде и „борбата против окупаторот“. Најпрво...Нова мисла на пресушената почва.