[кон корпус]

Нов имагинариум

Долго најавуваната утописка средба со „новата жена“, добива формулирана, дефинирана видливост и подвижност, кога таа жена создадена во „народната борба“ се преселува на страниците на печатот. Малку ќе биде ако се каже, дека важноста на печатот била голема. Од 19. век па натака, европската и светската историја се дефинитвно обележани со моќта на печатот, јавниот известувач и воопшто моќта при дифузијата на информации, без разлика дали како средство за пропаганда или како средство за социјално вмрежување и борба со елитите. Тоа е особено важно при социјалните здружувања и движења. Така, печатот бил важно средство за женските движења на Балканот општо, и за оние во првата Југославија конкретно[1], на крајот, печатот е крајно важен како едно факторизирање на женскиот глас и женското писмо во период кога за овие две работи се смета дека се целосно „други“. Сепак, во овој дел погледот го насочуваме кон создавањето на женскиот имагинариум и неговите фантазми (Слапшак) – како производ на вклучивањето на женското население во војната, АФЖ како главен дифузер и организатор на печатарската дејност и како еволуирале перцепциите за „новата жена“ во повоениот период.

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 4: печатот и новата југословенска жена
“Željne smo rada i napora” @Adela Jusic

Во бројниот опус на печатени органи на АФЖ низ републиките[2], громовно е видлива една различна представа, и доволно е да се погледнат неколку насловни страни на овие весници од периодот 1944-1945 на кои прикажани се жени во демонстрации, на микрофон пред говорница, со дете во едната рака и пушка во другата, во колона, во фабрика, како сеат, во изградба на срушени куќи и патишта[3]. Воедно, на страниците е опишано раѓањето на еден нов термин: доколку „госпоѓа“ потсеќа на класните дискриминации, а „жена“ – означител на другоста, т.е „природниот ред, сетилноста и похотливоста“, тогаш „другарка“ е именител од новиот свет, „безполова пчела-работничка“ (Е. Блох).[4] Пред на навлеземе во подетална анализа на елементите на „новата женственост“, мора да наведеме уште еден показател за нејзината громовна раширеност и опфатеност, имено, и традиционалистичките елемени барале механизми за справување или рационализирање со новата ситуација. Така, монсењор др. Светозар Ритиг, жупник на црквата Св. Марко во Загреб, се произнесува со свој став за „чудната етичка преобразба (…) на новата борбена жена“.[5] За таа цел, наведува преседани од Библијата и балканските национални митологии: „Јудита, Св. Јованка Орлеанска, Хасан-агиница, Косовската девојка, Мајката на Југовичите..“[6] Потсетувајќи се овде на Назоровата споредба за „словенските амазонки“, остануваме во страрт начисто дека „сликата на “новата жена“ се движи помеѓу идеализираната, иако натопена со надеж и крв, слика на целосно равнопавни жени и поезијата на минатото.“[7]

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 4: печатот и новата југословенска жена

„Партизанката“ освен икона на официјалниот наратив е и симбол на народниот легитимитет на новата власт, таа е во основата на оваа колективна меморија. Така, воените броеви се фокусираат главно на прикази од учеството на жената во борбените судири, на домашен терен, успесите на партизанската армија, важноста на образованието и запознавање со новите права, додека пак повоените броеви го нагласуваат учеството на жената во ударништвото, во реконструкцијата и НОБ, заедно со отварање бројни катчиња посвтени на секојденвиот опшествен живот, со најголем акцент на жената-работничка[8]. Жената можеме да ја видеме и како докторка, хемичарка, пилот, политичарка, активистка, како управува со разна механизација на село и во урбаната индустрија[9]. Бесмртноста на ваквото иконизирање, едно од најпознатите во Втората светска војна, лежи во неговата анонимност. Незнајната борка позната преку прочуената фотографија „Девојката од Козара“/„Козачанка“ (1943) станува заштитен лик на партизанската иконографија[10]. Нејзината анонимност го понароднува наративот и ни вели дека “таа е како нас, и ние можеме да станеме како неа“. Веднаш до фигурата на млада и силна жена борец, стои уште помоќно представата за фигурурата на мајка-херој, оваа фигура го реафирмира мајчинство ставајќи го во борбен моментум. Многу чести се описите на жени кои востанале поради смртта на своите синови, која тргнуваат да ја одмаздат.[11] Традиционалната фигура на мајка-жртва од балканската епика и фолклор (Мајката на Југовичите, Косовксата Девојка), повторно е мобилизирана во партизанскиот печат како опис на искуствата на селските жени кои ги изгубиле своите семејства во војната. Традиционланите функции на мајчинството можат да мобилизираат бројни емоции во функција на воспоставување на братство и едниство[12], токму затоа, ако младата партизанка-девојка може да биде од каде било, за мајката херој се наглесувало дека е муслиманка, македонка, босанка, селанка итн., во корист на меѓуетничкото зближување. Среќавјаќи ги наративте за партизанка-мајка, партизанка-сестра, нивната каритативна и емоционлана дејност, и овде ќе се согласиме со бројните аналитичари кои укажуваат на тоа дека традиционалните концепти за женственост всушност никогаш не биле довдени во прашање[13]. Сепак, неспорно е настанувањето на нов role-model:

 „ЗА ЖИВОТ КРАСЕН, СВЕТЕЛ И ЧИС …   (sic!)

Првата задача на недината чета е полицејскиот участок. Трча таја како ветер и стрела точно, нејзината пушка не промашува. Неда е најдисциплинираниот војник и најдобриот стрелец. Наш млад херој.“[14]

Американските девојчиња, па и жени од 40те, во екот на новата војна можеле да се огледаат, гласно или скришум, на амазонската принцеза Дијана од Темискира – Wonder Woman со чудесна сила, која судбински транспотирана во „светот на мажите и нечесната војна“, ефективно убива нацистички лошковци на ангро. Таа е жена со тело на грчка божица и секогаш средена коса, која треба да ги окуражи американските граѓани дека постојат суперхерои кои ќе донесат правда. Таа е Наджена. Наспроти американскиот капиталистички мотив и форма на Надчовекот, кој како таков се родил т.е. има право на своето величие, суперхероините и суперхероите кои се изнедруваат во нашите историски и културолошки наративи се сосем обични луѓе, жени во маслинеста и за некој број поголема облека, дефинитивно не изгледаат како богови – тие се очовечени. Така и Неда од горниот исечок е најдобриот војник, бидејќи тоа го стекнала низ својата дисциплина (работа, труд). Колку и да била целта за ваквите прикази да окуражат и да поттикнат масовно учество, неспорно е создавањето на нов женски лик – прецизен и добар војник, дозволено им е поседувањето на физичка сила за друга активност освен предходно зацртаните, и што е најважно – тие никогаш не се жалат и самосожалуваат – тие се борат, па дури и како „вистинските“ амазонки, во едната рака носат оружје, а во другата дете[15].

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 4: печатот и новата југословенска жена

Од воениот период и периодот на изградба, значајно е да се напомени и развивањето и приказите за концептот на „сестринсво“ т.е. женската солидарност во работата, но и во свеста за своите права[16].

Населување на јавниот простор

Во повоениот период на стабилизација, видливо е постепено „чистење“ на воените институции од женско воено присуство, кое останува единствено во колективната симболика. Ваквите насоки на еволуирање забележуваме и во женскиот печат, со негова постепена „деполитизација“: доколку во втората половина на 40те женскиот печат е известувач за главните воени и политички настани од земјата и светот, при крајот на истата деценија политичките сериозни теми се заменувани со нови – убавина, мода, домаќинство, алтернативан медицина[17].

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 4: печатот и новата југословенска жена
“Žena u borbi” (1956.) i “Svijet” (1955.) @MUF

Би биле ригидни, доколку промените во печатот ги читаме само како патриархална реградација, затоа и овде погледот го вртиме кон геополитичкиот контекст: урбаниот западен стил значеше и отварање на вратите кон западната женственост. По конфликтот со СССР, Југославија стана поотворена за западните трендови, а предствите за убаво облечени жени кои „следат мода“ и „не се запуштени“, всушност се представи за реалниот социализам. Така Вида Томшиќ, АФЖ лидерка (1948), изјавува во „Жена Данас“ дека „реалниот социјализам преставува среќен живот, (…) Во Руските весници гледаме лошо облечени жени, небаре е тоа некаква социјалистичка неизбежност. Тоа негира се за што ние се залагаме – убавина, радост, разноликост. Ние ќе ги научиме жените како да се облекуваат убаво, како да си ги средуваат живеалиштата, и како да го прават тоа брзо.“[18]  Жената, со своето „рамноправно и силно тело“ и надвор од печатот, станува дел од јавниот простор, најмногу во формата на жена-борец во меморијалните центри, паркови, монументални мурали и статуи, до мажот-соборец или гордо сама.

***

[1] Види пр. N. Božinović, исто, 85-86, 121.

[2] Naša žena, Glas, Žena u borbi, Žena Danas, и ред други, види повеќе: http://afzarhiv.org/

[3] L. Sklevicky, исто, 36. [4] L. Sklevicky, исто, 54-55. [5] L. Sklevicky , исто, 53.

[6] Ibid. [7] Ibid, 55

[8] I. Jelušić, Making a Partisan: Founding Narratives on the Participation of Women in the People’s Liberation Struggle in Yugoslavia, Budapest 2015, 65

[9]Види: D. Majstorović, Stvaranje ‘nove’ jugoslovenske žene: emancipatorski elementi medijskog diskursa s kraja II svjetskog rata, “Izgubljena revolucija: AFŽ između mita i zaborava”, Sarajevo 2016.

[10] I. Jelušić, исто, 62.

[11] C. Bonfiglioli, Revolutionary networks.., 80.

[12] Ibid.

[13] I. Jelušić, исто. 61.

[14] Македонка, исто, 2.

[15] И. Хаџиевска, „Македонка“ – меѓу мит и рудиментација, есеј, pirej.mk; academia.edu

[16] L. Sklevicky, исто.

[17] C. Bonfiglioli, Revolutionary networks.., исто, 194. [18] Ibid.

***
Слики: 
“Željne smo rada i napora” @Adela Jusic

“Žena u borbi” (1956.) i “Svijet” (1955.), @MUF (Uvod u jugoslavensku potrošačku kulturu)

 

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/zeljne-smo-rada-i-napora.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/zeljne-smo-rada-i-napora-150x150.pngИвана ХаџиевскаАнтроПропоНекатегоризираноАФЖ,жени,историја,печат,системНов имагинариум Долго најавуваната утописка средба со „новата жена“, добива формулирана, дефинирана видливост и подвижност, кога таа жена создадена во „народната борба“ се преселува на страниците на печатот. Малку ќе биде ако се каже, дека важноста на печатот била голема. Од 19. век па натака, европската и светската историја се...Нова мисла на пресушената почва.