[кон корпус]

Можеби најпрв впечаток кој може да се добие при една генерална анализа за женските организации и движења кај народите кои ја формирале првата Југославија е оној за клучните приноси на родовите односи во националната репродукција, националната култура, граѓанскиот статус во нацијата како и националните судири и војни. Во своето дело Нација и Род, Јувал-Дејвис дијалектички ги испитува националните и етничките процеси кон жените и делувањето на жените кон нив[1]. Во центарот на тие интереси се наоѓа репродуктивната улога на жените како биолошки произведувачи на луѓе, која историски се јавува како главна импликација за позиционирањето на жените во општеството. Токму тоа имплицира специфични правила кои се однесуваат и важат само за жените. Истовремено, Јувал-Дејвис ги испитува и другите димензии на таквата импликација. Имено, во многу национални проекти, на жената и се доделува улога и на „национална и културна репродукција“ на нацијата т.е. политичките импликации на нејзината „природа“ [2]. Токму овој контекст, станува видлив најчесто преку симболичкото користење на изедначувањето на телото на жената со телото на „мајката-земја“, татковината. Силувањето на жените на непријателот, старо е колку историјата на војувањето, па нападот на „женската чест“ се појавува како мотивација за борба против непријателот[3]. Односот кон женското тело, со појавата на партизанката, рапидно се менува и добива субверзивна симболика[4], но до кој степен и на кои начини новата симболика е имплементирана во политиките на повоениот период, ќе биде прашање на овој дел.

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 3
Illegal, Adela Jusic&Andreja Dugandžić

Уште една теза која треба да ја разгледаме пред да започнеме со одговорот, е онаа за степенот на автономноста на АФЖ во склоп на НФ. Воениот период на народноослободителното движење недвојбено претставува етапа за АФЖ во која тој покажува изразени одлики на самостојна организација на доброволно здружување, во чиј склоп, жените се самопотврдуваат како субјекти на револуционерната борба. Но, во повоените процеси на изградба и обнова на новата држава, се јавуваат нови мобилизациски стратегии и политичко-правни акти кои го субординираат АФЖ на останатите организирани видови народни движења. Тука се поставува прашањето, дали може „женското прашање“ да се слее со општоста, со оглед на специфичностите на историјата на жените. По донесувањето на уставот во 1946, постепено се воведуваат нови, стандардизирани законски прописи. За жените е од огромно значење укинувањето на правните разлики во шесте различни правни подрачја на првата Југославија. Власта на таткото, е заменета со власта на државата, што до некаде ја урива доминантната патријархална и патрилокална структура на југословенското опшество[5]. Да започнеме оттаму.

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на менципација 3.1
Illegal, Adela Jusic&Andreja Dugandžić

Еднаквост и еднаквоправност

Во 1946, за прв пат во Балканската историја, правата на жените како политички, социјални и економски битија беа впишани во новиот Устав на СФРЈ[6], како резултат на учеството во војната. Моделирани врз Советскиот Устав од 1936, претставуваат радикално револуционерно стојалиште во споредба на предходните класни, родови и национални нееднаквости[7]. Жените за прв пат станаа лица т.е. граѓанки.

Меѓу првите закони кои се донесени бил и Основниот занок за брак (1946) кој установува задолжителен граѓански брак, и ја одделува државата од црквата, а сите односи во бракот се на потполно еднаква основа – еднакви права и обврски за партнерите. Со подоцнежните прописи, разводот е целосно либерализиран; Неколку закони од мајчинско семејно право (1947) ја изразуваат рамноправноста на жената: рамноправност при старателство, наследување имот, признавање над децата; еднакви права на вонбрачните деца, детски додаток, мајчински додаток; Закон за наследување (1955); Основен закон за управување стопански претпријатија (1950): рамноправност во избор и гласање за управување;[8]

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 3.2
Illegal, Adela Jusic&Andreja Dugandžić

Кампањи и еманципација

Освен историското премостување изведено преку законодавството, наследство на АФЖ од тој период е и идејата дека постои можност за индивидуална и колективна промена. Под паролата „Смрт на неписменоста – просветата е оружје на непријалателот“, започнува периодот на „обнова и изградба“. Огромните димензии на воената катастрофа се паралено санирани со родовите прашања, преку кампањите на АФЖ за спроведување на еднаквоста во пракса. Ситуацијата на терен се покажала тешка – масите селски жени често се противеле и се плашеле од промените кои биле предлагани, а некогаш усилени, од АФЖ[9]. Со приказ на неколку спроведени кампањи може да ја увидиме таквата целисходност и контрадикција:

А) Просвета на селските жени

Меѓу 1948 и 1950, како главна задача на АФЖ било поставено описменувањето и едукацијата на селските жени. Ова не се однесува само на познатите бројни аналфабетски курсеви, туку и на сеопфатна едукација за мелиоризација на запуштениот и патријархален селски живот, каде женскиот труд бил помалку вреднуван, а најмногу експлоатиран[10]. Волонтерски контингент од големите градски центри, составен од лекарки, сестри, акушерки, стручњаци за хигиена престојувал во селата на Косово и Метохија (подоцна и во други региони). Акцијата се спроведувала директно, на терен, со одржување на курсеви за правилно одржување на хигиена, гинеколошка едукација, дури и своевидно сексуално образование. Семинари за правилна исхрана на доенчиња и деца, заразни болести и сл. Огромен проблем на овие опфатени семејства била големата смртност на новороденчиња и доенчиња, токму заради условите на живот. На ваквите курсеви се обрнувало внимание и на некои социјални проблеми како насилство во семејството, суеверието, продавањето на невести, помалото вредување на женскиот труд. До 1953 одржани се 9000 курсеви, на кои се обучиле 229 000 млади жени за извршување на овие акции[11].

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 3.3
Illegal, Adela Jusic&Andreja Dugandžić

Б) Кампања против фереџето

Кампањата против целосната ковертурта т.е. фереџето траела меѓу 1946 и 1951 кога низ републиките биле спроведени неколку закони кои го забрануваат фереџето. На републиките Босна и Херцеговина, Македонија како и регионите Косово и Метохија, комунистичките елити го наследуваат ставот на елитите од предвоениот период и гледааат на наведените како на најуназадени, главно поради дифузијата на исламот – несакано наследство од времето на отоманската доминација[12]. На страните на првиот број на „Македонка“ – орган на АФЖ за Македонија, може да се прочита насловот „Македонската муслиманка се разбудуе“, каде е опишана борбата на „сестрите муслиманки“ во НОБ, но и нивната „двојно потешка историја“[13]. Со укажувањето за „уживањето во освоените права“ целта е да се привлечи муслиманското население кон КП и нејзините органи. Но, можеби најинтересен е организираниот настан „Првата екскурзија на откриените лица“, одржана во 1951, патување низ републиките на 400 муслимански мажи и жени. Метафори за „светлината“, „хуманизмот“, „модерноста“ изобилуваат додека се прикажани слики на жени кои го симнуваат фереџето[14]. Но на терен, односот кон муслиманските жени, и кон муслиманското семејство со неговите традиции бил амбивалентен. Државата, стравувајќи од загрозување на федеративниот принцип и потсетувања на крвавите етнички и верски судири, не сакала да допира во исламските традиции; активистките на АФЖ често морале да даваат писмена изјава за почитување на традициите доколку поведуваат со себе на патување муслимански жени; а поради новите закони многу муслимански жени биле приморани на целосно ненапуштање на домовите[15]; Чест бил случајот властите да ги поканат на почитување на законот најбогатите семејства како би воспоставиле пример. Дидара Дукаѓини од Призрен била шокирана кога татко и и рекол да го симне фереџето. Во своите спомени таа го опишува срамот и стравот од шетањето „гола“ надвор. Дидара била запишана на курсевите на АФЖ од нејзиниот татко. По две години таа стапува во брак со српски партизан, но и еден од „живите примери“ на еманципацијата[16]. Кампањата против фереџето можеби највивидно ги прикажува огромните општествени и социјални транформации и нивните импликации врз жените.

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 3.4
Illegal, Adela Jusic&Andreja Dugandžić

Контрацепција и абортус

Во поглед на абортусот, можеме да ги следиме следниве законски промени: по новиот Кривичен законик од 1951, како и предходно во меѓувоениот период, секој абортус, освен оној за спасување на животот на трудницата, бил кривично дело, со таа разлика што сега трудницата не се казнувала. Со уредба во 1952, дозволен е абортус од медициски причини, и под одредени услови од здравствено-социјални причини, која се толкувала и применувала доста слободно (рестриктивно или либерализирачки) во различни региони. Во 1963 праксата се изедначува со измените во законот кон поголеми услови и либерализација. Од 1977 дозволен е абортус без било какви ограничувања до десет недели старост на фетусот[17]. Поврзано со дискусиите во АФЖ по ова прашање, се надоврзувало она за контрацепцијата и нејзината дифузија како превентива за абортусите. Лидерките на АФЖ сметале дека сексуалноста и репродукцијата се важни теми за женското ослободување и еманципација кои треба рано да се отворат, но одреден дел од вклучените, како и низ партиската хиерархија, сметале дека тоа се полиња од „западниот феминизам“, кои не соодвествуваат со југословенската реалност[18]. И покрај тоа што темите за сексуалноста, хомосексуалноста, контрацепцијата и репродукцијата остануваат во тесни кругови на јавната дискусија, нивото на едукација прогресивно се зголемило[19].

[АФЖ] Алгоритми на еманципација 3.5
Illegal, Adela Jusic&Andreja Dugandžić

Концептот за социјално мајчинство

Достигнувањето на потполна еманципација и равноправност, АФЖ го гледа во женското вработување како основ за егзистенција. Раширеното мислење меѓу селските слоеви дека работата за жена вон домот е срамотна, и праксата која укажувала на излегување на градската жена од работен однос по влегувањето во брак, го премесува тежиштето на политичката дејност во АФЖ кон решавање на т.н. „специфични женски проблеми“: заштита на мајката и детето, помош на властите при одржување на детските установи и здравствено едуцирање на жените[20]. Социјалистичкиот дискурс инвестирал нови значења на овие категории кои биле поврзани со политиките на социјална промена. Економската независност на жените во социјалистичката економија во теорија требало да води кон потполна еманципација на жените, меѓутоа тоа не се случило. Сепак, масовното влегување на омажени жени на пазарот на труд произвело пропратни и накнадни промени во социјалната алгоритмика. Како истовремено да се синхронизира опшествено-социјалната функција на мајка со статусот „еманципирана работничка“?[21] Жените сочинуваат половина од нашите опшества, а со тоа и огромна работничка армија. Во повоените процеси на обнова и изградба повторно е нужна женската мобилизациска сила, но таа овој пат мора да се ослободи од „двојното бреме“ на домашниот (неплатен) труд и работата надвор од домот, како дел од националната репродукција со која се сретнавме на самиот почеток: „Јас мислам, другарки, дека вие во прв ред треба да ги вршите должностите кои произлегуваат од тие ваши специфични обврски, како што е на пример, грижа за жените мајки, грижа за хигиената на деца и грижа за децата воопшто, грижа за здравјето, за воспитувањето на жените во Југославија (…)“, се зборови на Тито на Третиот конгрес на АФЖ во 1950[22]. Тоа ослободување од „двојното бреме“ за жените требало да биде сервисирано преку моделот на социјално мајчинство. Југословенскиот модел на социјално мачинство е базиран врз советскиот[23], и во кратки црти претставува мрежа од детски установи во селата и градовите, законски регулативи и додатоци за мајките и децата, квалификувани кадри за грижа со деца, регулирање на работните односи за бремените жени, платено породилно отсуство и флексибилно (четири часовно) работно време за мајки, како заштита за жените мајки[24]. Со овој систем на социјални провизии државата специјално го заштитува интересот на мајките и децата создавајќи мајчински болници, детски домови и дневни престојувалишта, и право на мајката за платено породилно отсуство пред и по раѓањето дете[25]. Еманципацијата „оддолу“ еволуирала во етатизација „од горе“.

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 3.6
Illegal, Adela Jusic&Andreja Dugandžić

Самоуправувањето и родовиот јаз

Хрватскиот поет и претседател на ЗАВНОХ – Владимир Назор, во својот говор од 1944 под наслов „Од Амазонки до партизанки“ им оддава призание на југословенските борки за созадавањето на „нов тип на женственост – партизанката“. Правејќи прозаични споредби со женски личности од историјата, тој ја прогласува „словенската амазонка“ за идел на новото човештво. Ваквиот историски патетизам на крајот е затворен со кратка и енергична реченица која вели „Женското прашање за нас е решено“[26]. Но многу понтересни се анализите на контекстот на истата реченица, неколку пати провејувана и низ говорите на АФЖ лидерките[27]. Дисолуцијата или самоукинувањето на АФЖ се поврзува со година 1953, како асоцијација на периодот на самоуправувањето и промените во таа транзиција. Но како да ја објаснеме врската самоуправување – родов јаз која идејно би требало да представува оксиморон?

Можеби за да го разбереме периодот на самоуправувањето најполезно е погледот да го свртиме кон геополитичкиот контекст. По кризата на Информбирото и конфликтот од 1948[28], Југословенските елити побаруваат нов извор на политички и економски легитимитет кој би ја дефинирал новата државна позиција која е опозиционирана како трет пат помеѓу западните демократии и советската статична бирократија. Таквата нова систематика беше пронајдена во марксистичката теорија, а разработена од словенечкиот комунистички интелектуалец Едвард Кардељ во формата на „самоуправувањето, децентрализацијата и оддалечувањето од државата“ како идеална транзиција од социјализам кон комунизам, преку системот на работнички совети. Всушност, се работеше за насочување на југословенскиот економски систем кон пазарна економија, како каузалност на западната помош (повторно, геополитичкиот момент)[29].

Почнувајќи од 1950 одреден број вработени жени се враќаат во домаќинствата. Стабилизацијата на стопанските прилики почнувајќи од 1950 предизвикала обемните ангажирани работни сили да не се веќе потребни во таков број, каков што беше случајот во годините на државното создавање, кога токму жените беа изворот на потребната сила за обнова и изградба. Преминот кон самоуправувањето е премин на производство кое треба да покаже позитивен резултат т.е рентабилност, а тоа во многу ситуации значело дека големата мрежа на социјалниот систем од градинки и дневни центри представуваат терет за новата државна економија, па биле затворени. Соочени со новото секојдневие, одреден број жени ги напуштаат работните места. Исто така, носејќи го историскиот багаж на помалку образовани и помалку квалификувани, жените биле првите на листите за отпуштање[30]. Трендот на враќање во домовите зазема поголем замав, па дури и Тито се произнел со свој коментар и предупредување дека борбата за динар, во која жените потешко се примаат на работа, а полесно се отпуштаат од фабриките содржи во себе „противсоцијалистичка тенденција“ (Tito, Žena danas 112 (1953): 1)[31]. Во вакви услови, највидлива станува двојната оптеретеност за жените работнички: од нив се очекувално ударничко, работно ангажирање во стопанскиот и политичкиот живот, но и во делокругот на економијата на грижа и нега. Доминантната поделба на машки и женски работи значи дека после осумчасовниот работен ден, следува уште едно работно време дома[32].

[АФЖ ОМНИБУС] Алгоритми на еманципација 3.7
Illegal, Adela Jusic&Andreja Dugandžić

Споредна новата визија за „дебирократизација“ на општеството, т.е премин од државно кон поопштествено добро, за АФЖ тоа се исполнило во форма на укинување на платените функционерки како „формализам“ и потесно преклопување на активностите на АФЖ со оние на НФ, веќе не постои „женско прашање“, туку „прашања кои ги решаваат жените“[33]. Новата концепција за редуцирање на работата на женската организација под патронат на ССРБ (Социјалистички сојуз на Работниот Народ) неволно ја соопштува Милован Ѓилас во говорот на Четвртиот Конгрес на АФЖ, според таа концепција, врзувањето на политичката работа во посебна женска организација би довело до одвојување на жените од заедничкиот живот, до погрешно сфаќање дека во борбата за своите права, жените треба да се борат против останатото општество. Спрема тоа, секое политичко издвојување на жените – уште повеќе секоја посебна женска политичка активност, се пречка за остварување на равноправноста[34].

Создавањето на Сојуз на Женски Организации за најразлични видови прашања доаѓа како „природен след“ на укинувањето на АФЖ како „полуполитичка и полуцентрализирана институција“.

[1] Види: N. Yulal-Davis, Rod I nacionalizam, “Treća”, no 1-2, Vol. V, p. 2O7-233 [2] Ibid.

[3] L. Sklevicky, исто, 44.

[4] Види: И. Хаџиевска, Борба против тело татковина, трибина „Антифашистичката борба на жените“, по повод 75 години од 11 Октомври 1941, во организација на ОО СБМ – Битола, 10.11.2016, Битола.

[5] T. Okić, исто, 173.

[6] Член 24: Жените имаат еднакво право со мажите во сите полиња на државата, економскиот и политичкиот живот(…).C. Bonfiglioli, исто, 101.

[7] C. Bonfiglioli, Becoming citizens: the politics of women’s emancipation in socialist Yugoslavia, http://www.citsee.eu 2012, PDF, 2.

[8] Види подетално за уставот и законите: N. Božinović, исто, 157-159; C. Bonfiglioli, Revolutionary networks..  100-104; Ustav FNRJ (31.01.1946), http://www.arhivyu.gov.rs/active/sr-latin/home/glavna_navigacija/leksikon_jugoslavije/konstitutivni_akti_jugoslavije/ustav_fnrj.html

[9] C. Bonfiglioli, Revolutionary networks.., 109. [10] C. Bonfiglioli, Revolutionary networks.., 190-191.

[11] Види: N. Božinović, исто.

[12] C. Bonfiglioli, Revolutionary networks.., 192.

[13] Македонка: орган на Антифашистичкиот фронт на жените от Македонија, Год.1,бр.1 (1944), 1.

[14] C. Bonfiglioli, Revolutionary networks.., 193. [15] Ibid. 195.

[16] C. Bonfiglioli, Becoming citizens.., 1.

[17] Види: N. Božinović, исто, 158; C. Bonfiglioli, Revolutionary networks.., 246-248;

[18] C. Bonfiglioli, Revolutionary networks..,  246-248.

[19] Види: F. Dota,  Javna i politička povijest muške homoseksualnosti u socijalističkoj Hrvatskoj (1945. – 1989.), Zagreb 2017.

[20] N. Božinović, исто, 154.

[21] T. Okić, исто, 173. [22] Ibid, 171.

[23] Со круцијална разлика, што советскиот модле предвидува аболиција на смејството, него укинување како јадро на буржоаските опшества, Ibid.

[24] N. Božinović, исто.

[25] Чл. 24 Уставот (…) види повеќе за деталите околу системот на социјална грижа з амајки, плата, работно време, помаѓање повеќе детни семјства и сл: G. Stojaković, Vida Tomšič / Zašto je ukinut AFŽ,  http://afzarhiv.org/items/show/353 PDF.

[26] L. Sklevicky, исто, 53.

[27] G. Stojaković, Vida Tomšič / Zašto je ukinut AFŽ.., исто.

[28] Види повеќе за конфликтот Тито-Сталин, M. Ž. Čalić, Istorija Jugoslavije.., исто.

[29] Види повеќе за механизмите на самоуправувањето: C. Bonfiglioli, Revolutionary networks.., исто, 199.

[30] G. Stojaković, исто, 4. [31] Ibid. [32] Ibid., 5.

[33] L. Sklevicky, исто, 137.

[34] Извадоци од говорт на М. Џилас, N. Božinović, исто, 167-168.

***

Слики: 
1. Rush hour – National Civil Rights Museum.

2. Illegal, Adela Jusic&Andreja Dugandžić

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/7.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/7-150x150.pngИвана ХаџиевскаАнтроПропоАФЖ,жени,историја,системМожеби најпрв впечаток кој може да се добие при една генерална анализа за женските организации и движења кај народите кои ја формирале првата Југославија е оној за клучните приноси на родовите односи во националната репродукција, националната култура, граѓанскиот статус во нацијата како и националните судири и војни. Во своето...Нова мисла на пресушената почва.