[кон корпус]

Некои воведни навлегувања

Во историските проекции на многу теоретичари, 20. век беше замислен како доба на масовните движења и изразената народна волја[1]. На Балканот, таквите проекции се покажуваа комплексно и противречно, со многу наследства од колонијалното минато, и процеси на „враќање кон Европа“ т.е. градењето на националните држави (Nation-building).

АФЖ Омнибус 1

Кога се наоѓаме пред наслови како нашиот, од голема аналитичка вредност би било воведувањето да биде извршено преку катеогријата на „доброволни здружувања[2]. Проучувањето на нејзините аспекти, е теоретска иницијација кон проучувањето на општествените промени, кои ни се јавуваат како стожер на сите прашања кои ги наметнува овде насловот. Важноста на доброволните здружувања, ни станува уште понагласена при истражувањето, кога во даден историски контекст, таквите здружувања претставуваат средство за организирање на субјектите кон нови цели, при што ни се показател/утврдувач на културните вредности и цели, кои самите учесници не се во состојба да ги формулираат[3], поради веќе споменатиот историски контекст.

Понатамошна карактеристика на доброволните здружувања е формирањето на нови улоги и односи преку нив, и заради нивните адаптивни и интегративни функции, политикологијата ги нарекува „групи на интерес“ – на постапно усовршување на постоечкиот поредок. Доброволните здружувања пак, кои имаат радикални и идеолошки цели и програми, чии членови внесуваат висок степен на афективност во своето учество, а организаторската структура им е во голема мера неформална и флуидна, можеме да ги нарекуваме здружувања во форма на опшествени движења[4].

АФЖ Омнибус 1.1

Ваквото иницијално позиционирање, е одредено поради специфичниот предзнак на културна промена која беше спроведена од Антифашистичкиот Фронт на Жените (АФЖ) во средината на 20. век меѓу народите на Југословенската федерација[5]. Анализата на АФЖ е анализа на процесите на редефинирање на положбата на жените на споменатиот политички простор – како група – која стоела на маргините на политички можното. Тие процеси, во насловот се обединети, под предзнакот – еманципација.

Да се анализира историјата на АФЖ денес и процесите потикнати во тој период, 76 години по неговото формирање и 65 години по неговото самоукинување, бара многу повеќе од таксативно набројување на енциклопедиските факти за историјата на НОБ. Најголем проблем со кој треба да се соочиме во нашето современо историско стојалиште, е историографските руптури во контекст на историјата на комунизмот на пост-југословенските простори, т.е. феноменот на „историскиот ревизионизам“ во научниот поглед, но и во културата на сеќавање и колективната меморија. „Современата историографија, на бранот на историскиот ревизионизам (повампирување на антикомунизмот, м.з), кој трае веќе 50 години, сосем рутински го минимизира и негира секое искуство во кое постои и минимум политички отпор на доминантната ревизионистичка слика на каузалност и настани.“[6] Од друга страна пак, мислењето на историјата на АФЖ антикварно и монументално, би значело одговарање „на ревизионизмот, со ревизионизам“[7]. Критичкото мислење на историјата на АФЖ, не значи одземање на нејзиниот ослободителен карактер и утописки импулс, со кој се произнесе себеси на историската сцена – ја одбиваме трибуналициската функција на историјата, но не се одрекуваме од донесувањето историски суд.[8] Тоа значи дека мораме да се внесеме и во увидувањето на контрадикциите во тој систем при решавањето на „женското прашање“ (на пр. самоукинувањето на АФЖ), т.е. до каде всушност стигнале процесите на воспоставување социјалистички-комунистички општествен поредок, и покрај неговата декларираност за владеачка и носечка државна идеја.[9]

АФЖ Омнибус 1.2

Една од главните замерки на ревизионистите по повод овие прашања, а во контекст на предходно споменатите процеси (и нивните политички материјализации), е конципирањето на истите како т.н „препишани“/„пресадени“ од сталинистичките модели или советското искуство, со што ја губат можноста за „историска автентичност“ (да се користиме со ревизионистичка терминологија). Но, таквата аргументација, е базирана на транзициските и воените искуства од пост-југословенскиот период т.е насилната транзгресија на националзимот (кој е прикажан како потиснат?) и транзиција кон новите економски уредувања, и со тоа е дијалектички многу слаба и всушност лесно побивлива.

Предисторија на женските јужнословенски движења

Вистинското прашање кое тука треба да се постави е – на што е всушност наследник АФЖ?; т.е. да се вратиме на теоријата за „слободни здружувања“ во историскиот контекст на Кралството Југославија, односно предисторијата на женските движења на тој политички простор.

Излегувањето на жените во јавниот, политичкиот простор, можеме да ја следиме од 19. век, преку еволуцијата на женскиот активизам од поединечни здруженија со сопствена програма (најчесто со национална заднина), до обединување за општествени промени. Преку каритативната дејност, женските организации претставувале неформални министерства за социјална грижа[10]; преку неформалните образовни групи се надоместувале образовните рестрикции за женски деца, се доаѓало до социјално вмрежување меѓу припаднички на различни класи и анонимниот женски труд излегувал на пазарот.[11] Женскиот активистички потенцијал бидувал национално искористен, но истовремено се факторизирал и започнал да ја отвора „La Querelle des Femmes [12]. Овие текови ги претставуваат непобитните црти за граѓанскиот феминизам кој се родил во соодветна форма кај секој од народите признати во Кралството Југославија. Доколку одреден дел од таквиот женски активизам бил дел или произлегувал од националните стратегии соодветно, одредени негови манифестации биле сфатени од владеачките елити како „нус појави“[13]. Токму таквите манифестации, произлезени од „работата меѓу жени“[14], претставуваат социјални алгоритми[15] на општествената промена. Синтагмата социјален алгоритам, и покрај тоа што алудира на математичката процедура за структурирано решавање проблеми, во нашиот случај можеме да ја вклопиме во социјалните односи на опшествена промена.

АФЖ Омнибус 1.3

Историја на нееднаков развој

Социјалните алгоритми, можат да ни станат видливи доколку историјата ја гледаме преку призмата на нееднаквиот развој и судирот на традициите: „традиционалните форми на патријархалното семејство (катун и повеќегенерациско домаќинство) се повеќе се распаѓале – но не и во Македонија и помеѓу муслиманското население – а паричното стопанство се повеќе продирало во земјоделството. Татковците веќе не можеле да заповедаат на ист начин, а односите помеѓу младите мажи и жени рапидно се променувале и станувале послободни. Жените од селата ја губеле реалната заштита на патријархалните обичаи и се нашле меѓу патријалхален правен поредок од една страна, и неограничената слобода за експлоатација од пазарот на друга страна. Трендовите на вработување на женска работна сила (…) биле условени не само од смртта на машкото население во Првата светска војна, туку и од наглите демографски промени предизвикани од истата (…) Растечката класа работници-селани (миграцијата село-град м.з.), односно женска и детска работна сила, претставувале резервна армија невработени, што на работодавците им овозможило намалување на цената на трудот и надниците.“[16] Сите овие услови, претставуваат руптури во социјалната структура, и насочување кон левите идеологии, но истовремено овие нови генерации млади (селски) жени во 30те години на 20. век ги пронаоѓаат своите потреби во граѓанскиот феминизам. „Некогашните припаднички на младинските секции на женското движење, движењето на Универзитетски образованите жени и други членки на женските организации учествувале во припремите за вооружена побуна во 1941 год. и спонтано основале женски антифашистички комисии – претходнички на оние на АФЖ.“[17]

Интересно е да се спомене и вклучувањето на женските активистки од Комунистичката партија кон граѓанските феминистички организации по укинувањето на КПЈ со „Обзнаната“[18]. Активизмот во овој период често се слева во меѓународни женски организации[19], носејќи ја паролата за зачувување на кревкиот мир.

АФЖ Омнибус 1.4

***

[1] Види, H. Kissinger, Diplomacy v.1 , Beograd 1999.

[2] L. Sklevicky, Konji, zene, ratovi, Zagreb 1996, 27. [3] Ibid. [4] Ibid.

[5] В. повеќе за историјата на Југославија: M. Ž. Čalić, Istorija Jugoslavije u 20. Veku, Beograd 2013.

[6] T. Okić, Od revolucionarnog do proizvodnog subjekta: alternativna historija AFŽ-a, “Izgubljena revolucija: AFŽ između mita i zaborava”, Sarajevo 2016, 149.

[7] Ibid. [8] Ibid, 150. [9] Ibid. Окиќ објаснува за два вида женска еманципација во левицата: моделот на економска еманципација и „забранетиот модел“ на А. Колонтај.

[10] Види примери од различни народи во Југославија: 1. T. Lazić, Žene u istoriji Semberije, Bijeljina 2012; 2. S. Prelenda, Žene i prvi organizirani oblici praktičnog socijalnog rada u Hrvatskoj, “Rev. soc. polit.”, god. 12, no 3-4, Zagreb 2005, p. 319-332; 3. Л. Вујошевић Улога Крагујевачких женских друштава у Првом светском рату, САНУ.

[11] Види: С. Томић, Љиљана Станков Катарина Миловук (1844-1913) и женски покрет у Србији, Педагошки музеј, Београд 2011. [12] Ibid.

[13] Пр: барање право на галс, барање високо образование, промена на граѓанскиот законик и сл. Види за отопрот кон женско образование, Božinović, исто, 60;  Томић, Светлана: „Љиљана Станков Катарина Миловук (1844-1913) .., исто, стр. 133.

[14] Сите погоре споменати вмрежувања, работеле на ширење на националните идеи, јакнење на културното влијаније, добротворните акции за школување, згрижување и помош за собирање мираз, биле насочени кон своите нацинолани и конфесионални заедници. Додавките – задруга, подружница, добротворна, сведочат за создавање на женска цивилна сцена која и после Големата војна учествува во развојот на двојното наследство на женското движење од Балканот.

[15] Доколку математичките алгоритми претставуваат „a set of rules that precisely defines a sequence of operations (Stone 1973:4)“, синтагмата „социјален алгоритам“ овде се разликува од истиот термин кој се користи во контекстот на интернет социјалните мрежи, а се однесува на општествените позадински промени кои се јавуваат при процеси на опшествена промена и опшествени движења.

[16] T. Okić, исто, 157. [17] Ibid.

[18] M. Ž. Čalić, исто.

[19] G. Stojaković, Ženski mirovni aktivizam u Jugoslaviji (1900-1941), (Predavanje održano na Festivalu ženske umjetnosti i aktivizma u BIH, PitchWise u Sarajevu u septembru 2014)

***
Слики: GlitchBrut by berlindekemvri

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/imageedit_8_4255086429-1.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/imageedit_8_4255086429-1-150x150.pngИвана ХаџиевскаАнтроПропоНекатегоризираноАФЖ,жени,историја,систем,феминизамНекои воведни навлегувања Во историските проекции на многу теоретичари, 20. век беше замислен како доба на масовните движења и изразената народна волја. На Балканот, таквите проекции се покажуваа комплексно и противречно, со многу наследства од колонијалното минато, и процеси на „враќање кон Европа“ т.е. градењето на националните држави (Nation-building).Кога се...Нова мисла на пресушената почва.