Веќе пишував за претставата/перформансот КАДЕ ОДАТ ПРЕТСТАВИТЕ ШТО НЕ СЕ СЛУЧУВААТ на Драгана Гунин со која се поместија границите на македонската современа театарска сцена. Гунин приреди метафорично “убивање” на локалниот македонски уметник и излезе од рамката на уметничката и општествената зачмаеност спојувајќи го политичкото со личното, за да се врати повторно на сцената како режисерка на А ШТО ПОТОА, претстава која воедно е и независен проект на група актери.

Овојпат, А ШТО ПОТОА дава критика на, во моментов, најголемиот злобен глобален феномен – тероризмот. Претставата го анализира тероризмот во поопширен контекст, за подоцна истиот да биде прикажан како проблем кој навлегува во интимата на луѓето. Станува збор за дело кое го покажува разболениот крвоток на модерното време од болеста која делува глобално, но боли и локално.

Гунин во КАДЕ ОДАТ ПРЕТСТАВИТЕ ШТО НЕ СЕ СЛУЧУВААТ како своја гласина ја избира интертекстуалноста, а во А ШТО ПОТОА на сцена настапува интермедијалноста. Режисерката повторно поставува прашања кои досега не биле поставени и своите политички ангажирани теми ги прави издржливи од забот на времето преку внесување на повеќеслојност во самиот текст; претставата ја обработува темата на смртта/ воена жртва преку метафизиката, релацијата идеологија – интима, а присутни се и темите на уметноста наспроти војната и депресијата.

23 мај, Џебно кино МКЦ.

На светлото на крајот од тунелот овојпат има бело платно на кое се прикажува колаж од терористичките напади што се случија насекаде во светот, умртвени пиксели на општествениот хаос, кои дисторзираат и поврзуваат многу животи или пак идеи за живот.

Откако публиката веќе и емотивно навлегува во новиот свет на Гунин, започнува дејството. Под платното на ужасот, Европа ја нема, а место неа, огромна црна дупка. Ова ли е рајот?

Со едноставен и минималистички мизансцен е прикажан крајот на седум човечки судбини, осудени на прерана смрт поради тероризмот. А ШТО ПОТОА? Дали тоа значи дека поради нивната насилна смрт ќе имаат VIP седишта во рајот? Или пак тие се резервирани за оние кои ги вршат нападите? По се изгледа, несреќните 21 грам душа одат во

LIMBO

Според мене, слојот на метафизиката во А ШТО ПОТОА е најважниот – она врз кое се темели текстот, кој дава целина, а воедно и јадрото на суштиската порака која сака да ја пренесе делото. Во време кога секој вид на нова и свежа мисла или акт на отпор е лесно компромитиран, најчистата и воедно најточната стартна позиција за промена се субјективните приказни.

Леополд Хект, Лоренца ди Франка, Жозефин Анасон, Озанџан Аѓус, Хафиз Ибрахим, Ерик Том и Ѓулсун Евлијаоглу веќе ги нема. И тоа не е по нивни избор. Овие седум тотално различни, а можеби и слични карактери се заробени во LIMBOTO на очајот. Претставата веќе добива и егзистенцијалистички карактер, а публиката одблиску се запознава со веќе згаснатите животи на карактерите. Гунин повторно се придржува на коцептот на монологот, а седуммината актери изведуваат неколку циклични монолози низ кои има нишки на параночни дијалози исполнети со страв, бес, осаменост, несфатливост што го ставаат под знак прашалник човечкото битисување. Примената на интертекстот во А ШТО ПОТОА е изведена така што самите актери ги пишуваат монолозите на своите карактери кои се базирани на, за жал вистинити приказни и на тој начин лично влегуваат во процесот на креирање на претставата. Поради тоа, монолозите делуваа екстатично врз самата публика, бидејќи преку нив актерите не глумеа, туку ги исповедуваа својот бес, фрустрација, незадоволство и очај, па така се пополнија малите забелешки кои ги имам во врска со начинот на кои тие беа срочени.

Како еден верник (Бојан Лазаров – Леополд Хект) да ја задржи вербата во својот BOG, кога истиот тој му нанел страдање и не успеал да го спаси од оние кои убиваат токму во негово име? Улогата која ја играше Лазаров беше онаа која го зачнуваше метафизичкиот елемент на претставата и поради тоа неговата изведба е многу важна за целината на делото. Неговата актерска игра беше одлична и искрена, дури и критика кон слепото отпишување на религијата поради пакостите кои се прават во нејзино име.

Како да бидеме среќни дури и да постои RAJOT, кога за да ги спасиме нашите љубени сме се жртвувале самите и нашето неродено дете (Емине Халил – Жозефин Анасон). Или пак, како да го замислиме RAJOT кога сме ја пропуштиле шансата да посакаме добредојде на нашето дете (Дарко Ристовски – Ерик Том)

Како едно дете (Марјан Наумов – Хафиз Ибрахим) кое во услови на најбрутална војна живее во библиотека и секој ден се храни со наративите на секогаш прогресивната европска литература, овојпат да ја замисли Европа кога истата таа не го заштити кога највеќе му беше потребно? Изведбата, а и монологот на Наумов ми оставија голема импресија.

Како да му дадеме смисла на животот кој нѐ направил депресивни, а во моментот кога ќе го засакаме истиот да не отпише? (Нина Максимова – Ѓулсун Евлијаоглу). Последниот монолог на Максимова даде одлична целина на нејзиниот карактер.

Како да веруваме дека ширењето на добрината ќе го спаси светот доколку баш тој акт ќе биде директен виновник за нашиот изгубен живот (Јанка Лефкова – Лоренца ди Франка)

Како да се справиме со осаменоста кога ги нема нашите најсакани да не чекаат на другата страна од границата? (Благојчо Стојанов – Озанџан Аѓус) Судбината на Озанџан и неговиот пријател Али е повеќе од иронична и поради тоа тој карактер успеа да остави впечаток кај публиката. Исто така низ монолозите на Стојанов се забележуваат нишки на хумор кои одлично се вклопуваат со тешките теми кои ги обработува претставата.

Токму реченицата во монологот на Стојанов ми привлече големо внимание – PEKOLOT E OSAMENOST.

Оваа реченица која е сугестивна на Сартровата филозофија дека ПЕКОЛОТ СЕ ДРУГИТЕ ЛУЃЕ, заедно со рециталот на БАРБАРА – Жак Превер, од страна на Наумов, се нишки на поствоената европска литература и филозофија во претставата, кои се одговор на ужасите кои станаа дел од општеството после Втората светска војна. Каква уметност ќе се развие после оваа наша битка?

Ако PEKOLOT E OSAMENOST, тогаш LIMBOTO E GENERALNA PROBA.

А ШТО ПОТОА е претстава која воопшто не е европоцентрична, претстава која е крик за едно подобро утре – и политичко и уметничко. Некаде помеѓу хуморот, метафизиката и политиката во А ШТО ПОТОА, се наоѓа и храброста. Оттаму ја охрабрувам публиката да го поддржи овој нов бран на македонска уметност, а режисерите, актерите и уметниците воопшто ги охрабрувам на уште похрабри дела и решенија кои ќе потсетуваат дека #МртвитеНеСеСтатистика сѐ додека нивното ехо не стане мала општествена мантра за подобро утре.

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/front_image-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/05/front_image-150x150.jpgИвана СмилевскаКнижевноствизуелна уметност,критика,култура,македонска сцена,постмодернизам,слобода,уметностВеќе пишував за претставата/перформансот КАДЕ ОДАТ ПРЕТСТАВИТЕ ШТО НЕ СЕ СЛУЧУВААТ на Драгана Гунин со која се поместија границите на македонската современа театарска сцена. Гунин приреди метафорично “убивање” на локалниот македонски уметник и излезе од рамката на уметничката и општествената зачмаеност спојувајќи го политичкото со личното, за да се...Нова мисла на пресушената почва.