Кога JAY-Z ја почна кариерата, рап албумите се издаваа без присуството на логистичкиот маркетинг како денес. Ама тогаш рапот не беше најmainstream жанр. Сега албумите на големите рап имиња се чекаат со месеци и секој ден пред нивното излегување на пазарот може да се прочитаат предвидувања, се најавуваат featured артисти, продуценти – и сето тоа е обвиено со голем HYPE.

Епа, за 4:44 не беше ништо поразлично.

Уште од првиот момент кога албумот беше најавен со нетрпение чекав да излезе, од повеќе причини.

Прво поради тоа што поминаа 4 години од последниот албум на HOV.

Второ,  поради тоа што последните неколку проекти не му беа прифатени најпозитивно од критичарите и публиката.

Трето, поради тоа што ова е првото парче музика што може да послужи како негов одговор на обвинувањата од страна на BEYONCÉ во нејзиниот LEMONADE и целата афера околу нивниот приватен живот.

Првото нешто што навестуваше дека JAY е сменет човек е тоа што ја врати цртичката во името и овој пат името се пишува со сите големи букви. Можеби звучи небитно и глупаво но сигурно во неговиот ум ова има некаква симболика. Дали навистина JAY – Z е сменет човек?

JAY – Z IS HUMBLED!

Албумот почнува со одговор на тоа прашање. Песната KILL JAY Z зборува токму за промената која JAY пробува да ја наметне на себе. За сите работи зa кои се кае: од она кога го застрелал својот роден брат, неодамнешното распаднато пријателство со KANYE и најважното, изневерувањето на BEYONCÉ кое го објаснува во повеќе песни низ овој албум но најдобро во стихот баш од оваа песна кој вели:

you almost went Eric Benét, let the baddest girl in the world get away.

JAY – Z IS HUMBLED – алудирам на тоа дека од една страна 4:44 е албум кој претставува исповед и одговор на JAY, но истовремено посочувам и кон фактот дека ако се тргнат настрана интимните елементи во текстовите, она малку што останува не е музички продукт кој би ги задоволил слушателите кои со новиот проект очекувале нова насока на веќе и онака динамичната рап сцена. Се разбира, тоа не значи дека Z потфрли да пронајде канал низ кој својата интимна историја ќе ја претстави како уметничко дело.

 Преку чинот на музичко самоубиство во првата песна, JAY – Z  ја претставува својата нова личност. 4:44 e железно – свилена исповед, со примеси на мистичен, темен тон – повторно се присутни латинските, религиозните и литературните сугестии кои се препознатливи за Z. Во текстовите е присутна поетиката на старата школа, а целиот албум ги обработува песните низ призма на филозофиите на источните размисли [покајувањето, кармата, преродбата и скромноста] и емотивност на поетичен конзервативист. Истовремено, албумот во себе содржи хронолошка историја на црнечките борби –  од почетокот па сѐ досега.

Сепак, од музички аспект тотално не го очекував она што следува во продолжение на албумот.

 Првата песна, иако содржински самокритична не нудеше некое музичко уживање, барем не на нивото на кое сум навикнат да го слушам JAY-Z.

Но затоа, какво изненадување беше песната која следува! THE STORY OF O.J донесе сѐ што очекував од проект на JAY и многу, многу повеќе. Од моќниот, комплетен инструментал продуциран од NO I.D. до прецизното, фокусирано delivery на HOV, буквално сѐ е перфектно.

Следните неколку песни зборуваат за новиот, сменет JAY-Z.

На пример, во песната SMILE тој зборува за неговото детство и за тоа како силната волја на мајка му му помогнала да извади поука од лошите случки кои му се случувале низ животот. Истотака, оваа песна се издвојува поради можноста да биде влијание за поголема храброст при целосно присвојување на нашите идентитети и кај неа не е толку активен моментот на интимноста – приказната на Глорија Картер е песна која повикува на општа промена и прифаќање.

Насловната трака пак, 4:44 совршено го дели албумот на два дела.

Првиот дел зборува лично за него и за борбата на JAY Z низ животот, за во вториот дел да се фокусира малку повеќе на семејството и на улогата на сопруг и татко. Што се однесува до самата песна, таа е целосно наменета како извинување кон BEYONCÉ за она што тој го направил, како што и вели:

You did what with who? What good is a ménage à trois when you have a soulmate? You risked that for Blue?.

Во пост-4:44 делот од албумот веќе може да се забележи дека JAY-Z е конечно созреан, оформен на начинот на кој му доликува на човек во неговата позиција – богат, успешен татко и сопруг. Без разлика дали ја слушате FAMILY FEUD, MOONLIGHT или MARCY ME чувството е исто, HOV сака да пренесе знаење на сите оние кои го слушаат. Мислам дека и KENDRICK LAMAR го извади истиот заклучок кога во твит кој се однесуваше на албумот напиша: 4:44. WOW. MASTER TEACHER..

Последната песна од албумот LEGACY,  е адресирана кон неговите деца. Песната почнува бурно, со гласот на неговата ќерка BLUE IVY што прашува:

DADDY, WHAT’S A WILL?

Во LEGACY добиваме поголема слика за функционирањето на црнечката, музичка империја – песната  е  музички тестамент на JAY – Z во кој се проткајуваат политички, економски и интимни фактори. Имено, рапот е жанр во кој авторот се уште не е мртов, а стиховните референци кои алудираат на културолошки феномени прават од албумите, но и од самите автори индустриски производи со тоа што овој пат поентите и духовните елементи со кои музичката уметност треба да ги храни слушателите е нераскинливо поврзана со интимноста на авторите – правејќи да дојдеме до некоја поента преку историјата на авторот – уметникот. Оттаму, во самото јадро e суптилната приказна за патот до успехот во време на расна војна – генерациското богатство и финансиската слобода се единствениот начин  црниот етникум да живее со истите привилегии како белото население во САД. LEGACY од албумот на Z прави компактна целина – совршен крај со кој се заокружува овој албум.

10 песни се сосем доволни за JAY-Z да направи една интимна фреска на најпопуларната, црна музичка, империја во моментов. Беспрекорната продукција на NO I.D. [кој е продуцент на целиот албум] придонесе овој албум да добие звук од врвна класа, но во ниту еден момент не проба да го тргне фокусот од она што навистина беше важно: исповедот на г-динот Картер. Верувам дека со 4:44 го добивме најдобриот татковски рап албум на сите времиња. Зрелиот и фокусиран Jay уште еднаш покажа дека не смееме да ги потценуваме рап-титаните. Многумина беа скептични кога тој го најави албумот, па дури и јас самиот иако сум огромен фан на музиката на HОV.

Можеби ниту овој албум не е совршен, сигурен сум дека по еднонеделно слушање ќе најдам недостатоци и маани. Но засега, би рекол дека е рап албум на годината. Без да прави обид на сила да им се допадне на сите, верувам дека овој албум за многу брзо време ќе си ја најде публиката. На скалата до 10 би му дал многу солидна 9-ка, со надеж дека во иднина постарата гарда на рапери ќе научи нешто од овој прилично old school [текстуално], но истовремено и експериментален [музички] проект на JAY-Z.

Long Live JAY-Z!

Слушајте убава музика и ширете љубов.

 

 

Текст: Кирил Зарински
Коментари: Ивана Смилевска

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/07/jz-1024x576.jpeghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/07/jz-150x150.jpeganonimenМузикаинтимност,критика,рап,систем,уметнициКога JAY-Z ја почна кариерата, рап албумите се издаваа без присуството на логистичкиот маркетинг како денес. Ама тогаш рапот не беше најmainstream жанр. Сега албумите на големите рап имиња се чекаат со месеци и секој ден пред нивното излегување на пазарот може да се прочитаат предвидувања, се најавуваат featured...Нова мисла на пресушената почва.