Овој петок, концептот за #ЛитМанџа е поинаков од претходните. Решивме да прашаме луѓе од oбласта на културата кои не се директно поврзани со книжевноста, да ни ги откријат нивните омилени книги. Па така, директно од скопските улици, влегуваме во библиотеката на ЗOРАН РИСТEВСКИ, познат за сите како
DJ ЗОКИ БЕЈБЕ. Преку музичките автобиографии на GRACE JONES и MORRISSEY, па се до македонски современи романи и ЛГБТ литература – прочитајте ги предлозите и субјективните приказни кои ЗОКИ БЕЈБЕ го врзале со овие книги.

 

[I’LL NEVER WRITE MY MEMOIRS – GRACE JONES // лична колекција на РИСТEВСКИ]

Некои од поп – иконите кои го достигнаа својот процут, редно време беше да бидат запрашани и поканети да ја раскажат својата животна приказна. GRACE вели дека немала намера да пишува книга, но во време на извртувања на вистините и фабрикувани стории, таа единствено со својот збор можеше да стави крај на митовите околу нејзината личност.
Оваа книга го доловува времето во кое поп – културата станува глобален и културен феномен. GRACE во книгата ја открива својата поинтмна страна и откриваме кои се факторите кои неа ја оформиле како посебна личност – од тешкото детство во Јамајка, средина опседната со религиозни и морални вредности преку познатата метода PRIMAL SCREAM [провери и читни: АРТУР ЏАНОВ], за конечно да ја запознаеме онака како што сите ја знаеме: личност без страв и желба за експерименти во различни области на уметноста. После овој есенцијален дел, JONES раскажува за нејзиниот пат до ѕвездите и целата атмосфера на NYC и Парис од ’60тите па сѐ до денес, преку личните искуства на овој бастион на современата уметност, музика и мода. Од СТУДИО 54 до PARADISE GARAGE, од ANDY WARHOL па се до АРНОЛД ШВАРЦЕНЕГЕР, книгата константно ни дава нови факти со кои полесно би ја склопиле сложувалката GRACE JONES – без никаков сензационализам. Оваа книга е вистински патоказ за тоа како еден уметник треба да го брани својот интегритет, и како таков да пронајде начин од севкупната творечка енергија во одредена околина да создаде уметнички реактор кој ќе произведе неповторливи творби. Бидејќи таков е опусот на GRACE JONES – безвременски и неповторлив.

 

[DAVID BYRNE – HOW MUSIC WORK // IKONA BOOKSTORES]

Кога музиката е твој животен избор, разговорите за музика се најдрагоцениот генератор на информации кои го дополнуваат скелетот кој те држи како музичар. Уште од мал сакав да ги слушам возрасните дискофили за своите омилени плочи, како се тие работени, со кого е соработувано. Сите знаеме дека токму таквите разговори кои уште повеќе ја жарат страста за работите кои ги сакаме – никогаш не треба да престанат. HOW MUSIC WORKS e еден токму таков разговор за музика со “пријателот“ DAVID BYRNE.
Улогата на икона која е лидерот на пост – панк бендот TALKING HEADS е магнетот кој не привлекува кон оваа книга, која претставува историска фреска на музиката од пештерите па сѐ до најсовремените музички студија. Сето тоа е испреплетено со субјективните искуства на BYRNE и неговото откривање жанрови и постепеното расплетување на густите чворови од разновидните експерименти кои музиката ја прават густо тесто од кое секој може да создаде сосема нов и “оригинален“ музички продукт.
Преинтересни се приказните за златните години на њујоршкиот нов бран од крајот на ’70те и целата авангардна сцена која произлезе од култниот клуб CBGB.
Опфатени се и се испреплетуваат процесите на создавање музика и автобиографските моменти на DAVID BYRNE. Поентите се чисти, јасни и прецизни како дефиниции.
Ова дело е можеби најзначајното четиво за музика, напишано така што функционира и за оние кои не сакаат да навлегуваат длабоко во техничките стратегии на студијската работа. HOW MUSIC WORKS е книга која кога ја читаш сфаќаш дека е убаво да го имаш DAVID BYRNE до себе за да ти раскажува за музиката, што таа претставува и како влијае врз животот воопшто – не само на неговиот, туку како влијае врз животите на сите оние кои без музика не замислуваме живот на планетава.

[MORRISSEY– AUTOBIOGRAPHY // IKONA BOOKSTORES]

Има некои книги кои кога би се селел, прво би се фатил за нив, а потоа за плочите, па албумите со фотографии. Оваа е една од тие книги. Морам да признаам дека како NEW ROMANTICS скопјанче, опседнат бев со бендови кои имаат беспрекорна естетика и интересна фузија на фанк и електроника. До ’85 година немав слушнато нешто што ќе ја нахрани мојата кревка тинејџерска душа со поезија. Но кога во лиценцираната програма на ЈУГОТОН [ЈУГОСЛОВЕНСКИ ДИСКОГРАФСКИ ГИГАНТ] беше донесен првиот албум на THE SMITHS,  веднаш најдов совршен soundtrack за моите емотивни состојби. STEVEN PATRICK MORRISSEY беше енигматичен, кул, полисексуален, асексуален и екстремно елоквентен – музички и уметнички хибрид со мега-талентираниот гитарист JOHNNY MARR, кој беше современ и експериментален. Бев премлад за BOWIE [тој се појави во мојот живот со LET’S DANCE албумот, дури подоцна го откривав неговиот опус], па вака MORRISSEY ги задоволи сите мои потреби за моите субјективни емотивни патувања и превирања.
Кога ја имам биографијата во раце, навистина ја чувствувам важноста на оваа личност во музичката историја. Да се влезе во светот на MORRISSEY и покрај големиот број прочитани интервјуа и есеи за него е сепак привилегија и радост. Да се откриваат неговите мистерии кои всушност се реални фрагменти од животот на една вистинска ROCK’N’ROLL ѕвезда. Задолжително четиво за сите кои се пронашле во
WHAT DIFFERENCE DOES IT MAKE или HEAVEN KNOWS I’M MISERABLE NOW.

 

[ALAN HOLINGHRST – БАЗЕНСКА БИБЛИОТЕКА// КЛУБ МАТИЦА]

Можам да го прераскажам денот кога влегов во МАТИЦА и го пронајдов хрватскиот превод на англискиот писател ALAN HOLINGHRST.
Темен, влажен, студен ноември. 17 часот, скопските улици веќе се замрачуваат, а јас тотално без идеја што со себе и полн со неверојатна желба да го напуштам телото и да се упатам кон некои поинакви светови. Два часа копав по богатата ризница на книжарата и сосема на крај, зафрлена под книги кои воопшто не беа жанровски близу до неа,  ја најдов БАЗЕНСКА БИБЛИОТЕКА.
Е сега, сигурно ќе си речете студениот Лондон воопшто не е првичното место за ескапизам од студеното Скопје, но HOLINGHRST успеал Лондон да го претвори во Барселона пишувајќи за љубовните сиести на rooftop – забавите во спарните летни денови.
Книгата ја раскажува приказната за една несекојдневна релација помеѓу млад и возрасен аристократ кои се сретнуваат во еден јавен базен – сврталиште на лондонските хомосексуалци. Нема да ви откријам сижето, но по читањето на овој роман ја замолив издавачката куќа да го преведе делото на македонски – тоа доволно зборува колку уживав во испреплетените премрежија на јунаците во романот. Македонскиот превод од романот се продаде во 1000 примероци и истиот претставува совршена книга за сите оние кои го сакаат ОСКАР ВАЈЛД.

 

           [РУМЕНА БУЖАРОВСКА – МОЈОТ МАЖ // ИЛИ – ИЛИ // БЛЕСОК ]

 

Има една атмосфера која можеби сите како деца ја препознаваме [ ова за оние над 35 години, не знам за помладите] кога родителите ви се дома, а вие како неутрален набљудувач го следите нивното однесување и релација. Тогаш сфаќате дека тие личности имале живот и пред вие да сте биле родени. Имаат некој свој откачен однос – барем според вас, бидејќи и не очекувате ништо повеќе од тоа тие да постојат за вас.
Така се чувствував кога ја читав МОЈОТ МАЖ од РУМЕНА БУЖАРОВСКА – урнебесно духовит роман кој отвара теми како сексуалност и феминизам, за преку истите да направи и карикатура на локалниот менталитет. Немаше крај од смеењето на добро опишаните ситуации. Романот стана мој омилен подарок за неколку многу битни жени од мојот живот. Едноставна е причината поради која овој роман доживеа толку голем успех – сите сме присутни во него. А кога ќе се пронајдете – измешаните емоции се неизбежни.

 

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/featured-books-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/08/featured-books-150x150.jpganonimenадмински пост - литературна манџаживот,квир,книги,книжевност,литература,македонска сцена,постмодернизамОвој петок, концептот за #ЛитМанџа е поинаков од претходните. Решивме да прашаме луѓе од oбласта на културата кои не се директно поврзани со книжевноста, да ни ги откријат нивните омилени книги. Па така, директно од скопските улици, влегуваме во библиотеката на ЗOРАН РИСТEВСКИ, познат за сите како DJ ЗОКИ БЕЈБЕ....Нова мисла на пресушената почва.