Калина Малеска — македонска писателка, преведувачка, книжевна теоретичарка и професорка. Родена е во 1975 година во Скопје.
Малеска предава англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што има и дипломирано на Катедрата за англиски јазик и книжевност, со општа и компаративна книжевност како студии под Б, каде што исто така ги одбранила магистерската теза што се бави со деконструкција на книжевни дела, како и докторската теза во чиј фокус се дискурсите на моќ во книжевноста.

Во продолжение прочитајте неколку кратки разкази и извадоци од литературниот опус на Малеска.

Извадок од „Призраци со срмени нишки“

Калина Малеска

 

Слика за призраци со срамени нишки
Слика за призраци со срмени нишки

Веднаш штом легна, на Даниел му титна мобилниот: порака од Ана со слика: „Баш викендов бевме во Њујорк со Данче, и еве слика што нема да ја најдеш на разгледница“, пишуваше во пораката. Сликана беше, веројатно некаде во Гринич Вилиџ, фасадата на ниска зграда, фасада од син ѕид, син како небото на детските цртежи обоени со фломастер, ѕид на кој беа исцртани десетина бели кравички. Даниел се насмевна.

 

* * * * *

Даниел и професорот се погледнаа, и стоеја така вгледани еден во друг не се знае колку пред едниот да изусти, а другиот со погледот да потврди: „Гора не е името на поетот, тоа е името на градот.“ Да, тоа беше Го__ра, име кое мора да му одекнувало безбројпати во умот за уништениот град крај реката Јордан во кој не се надевал пак да се врати, како што ќе рече Елиот во дваесеттиот век. Го__ра, Го__ра, Го__ра, додека си повторувал, го запишувал на листовите направени дали од папирус или од пергамент, којзнае, можеби Даниел ќе најде одговор во библиотеката во Портсмут. Од овие записи неколку останале незагубени, од кои едниот го содржи името на градот, и стигнале некако до англискиот брег каде била составена збирка, од која Универзитетската библиотека во Скопје набавила копија. Името на градот, секако, не можело да биде целосно, зашто додека го пишувал, поетот несомнено плачел, исплакал едночудо солзи што капеле на листовите со негови песни, а неколку паднале на средината од името на градот и ги размачкале буквите што оттогаш недостасуваат.

* * * * *

     Изнемоштена, Тереза одвај го достигнува тротоарот додека автомобилите свират зашто одамна им се запалило зелено светло, и бара клупа или човечко раме да се прикрепи. Слуша зад себе ѕвончиња што се приближуваат а пред неа, главата на еден човек се распрскува на илјадници парчиња и локвата крв ги зафаќа сите улици во околината, додека во центарот на локвата наеднаш здогледува виолетов цвет. Премаленоста тоне низ стапалата во земјата по која гази, и таа чувствува снага во нозете и трча, трча крај улиците побрзо од најбрзото такси во Дубаи, и секој што минува крај неа гледа парчиња очи во крвје.

Ништо не разбира – зошто се случува ова. Ништо не разбира. Ова, по правило, не би требало да се случува. И чувствува нешто што ги предизвикува призраците, што ги принудува да се вдадат в потера по неа, нешто што не знае дали е во неа самата или потекнува однадвор или таа го предизвикува. Стигнува до морето, каде силата наполно ѝ се измолкнува, не може да направи ни чекор повеќе, и со ужас се врти да види што има зад грбот. Но призраците не се таму. Малку поспокојно се врти наоколу и сфаќа дека се наоѓа на познато место, местото од кое првпат пред година ипол го имаше здогледано речиси целото пространство на Дубаи. И со погледот се обидува пак да го опфати сиот.

Погледот најпрво го гази распрсканото море од невидливото потповршинско угоренасочено ветре, а потоа јурнува кон неиздржливо еднобојните песочни пространства, зад кои се металносјајните облици – едро, палма, згради со шари по терк на крзно на куче далматинец, згради во облик на прекрасно-деформирани трнови, кружни градби, хотел налик на раширени крилја на праскобоен бетонски змеј чии делови од телото се спојуваат само горе и долу, сочинувајќи, на тој начин, разлетана дупка во средината. Потоа, погледот отпловува по појасот небо згмечено од грубите бодежи на врвовите од катовите што се наддаваат едни над други, создавајќи бездна под себе, мрачна и непобедлива. Катовите кинисуваат да се состават еднисодруги, појасот небо го снемува, металосјасните облици се смрачуваат и ја затвораат бездната под себе.

 Од: Призраци со срмени нишки (Слово, 2014)

 

„Дирер, Тицијан, Рубенс“

Слика од Рубенс за Дирер Тицијан и Рубенс
Слика од Рубенс за Дирер Тицијан и Рубенс

Кога беше мала, постојано разгледуваше три книгички со слики од Дирер, Тицијан и од Рубенс. Бидејќи не можеше да ги чита латиничните букви, си замислуваше дека сликите ја претставуваат приказната за таткото Дирер, неговиот син Тицијан и нивниот коњ Рубенс кои преживуваат многу битки и несреќи. Подоцна, како што растеше, дозна дека тоа се тројца сликари од различни земји и дека нивните слики не ги претставуваат нивните животи, туку најчесто се мотиви од Библијата или од историјата.

Години подоцна, кога светот се распаѓаше како последица на големи потреси, конфликти, неизвесност, кога веќе не беше сигурна дали правилното е сосема правилно, ги здогледа во паркот. Под темните облаци што фрлаа сенка врз дрвјата, таткото Дирер, облечен во црна кошула со црна капа на главата, му купуваше сладолед на својот разигран син Тицијан, кој носеше црвена наметка. Пред нив еден паун си клукаше семки од земјата, а зад нив скокаше бело-кафеаво куче, додека коњот Рубенс трчаше меѓу дрвјата. Дирер и Тицијан беа исто толку реални и опипливи како и сите други луѓе околу нив.

Од: Мојот непријател Итар Пејо (ИЛИ-ИЛИ, 2016)

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/KALINA-1.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2017/10/KALINA-1-150x150.jpgpirejадмински пост - литературна манџажени,книги,книжевност,критика,култура,литература,македонска сцена,македонски автори,постмодернизамКалина Малеска — македонска писателка, преведувачка, книжевна теоретичарка и професорка. Родена е во 1975 година во Скопје. Малеска предава англиска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што има и дипломирано на Катедрата за англиски јазик и книжевност, со општа и компаративна книжевност како студии под Б, каде...Нова мисла на пресушената почва.