Вториот дел од рап фељтонот го продолжуваме со интервјуто на SAJSI MC, српската раперка која константно ги поместува границите на рапот. Во интервјуто промуабетивме за рапот како поезија на новото време, разликата помеѓу алтернативната и мејнстрим сцената, гетото и денешната популаризација на рапот, флуидноста на јазикот, враќањето на 90тите и што значи да се биде уметник денеска.
Соло кариерата на SAJSI MC почнува во 2010 година со издавање на албумот DALEKO JE DIZNI, додека во Македонија добива на популарност поради песната МАМА која е нејзина соработка со DAMJAN ELTECH, а во 2015та година SAJSI MC настапува на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО.
Таа е првата раперка која има настапено на GRAND SHOW, првата која има соработка и со KRANKŠVESTER и со СЕВЕРИНА (во еден живот!!!) и која сними рап #ЛезФем химна.
SAJSI MC е музичарка која бестрашно експериментира со двете сцени, со веќе изграден свеж и единствен стил кој е препознатлив по оригиналноста на перспективите во своите текстови. Доминирајќи со успешноста да ја долови третата страна на светот кој најчесто се перцепира црно-бело, таа претставува глас на оние кои излегуваат од рамката на стереотипите.

 GHETTO QUEEN ОД ФАКУЛТЕТОТ ЗА ПОЛИТИЧКИ НАУКИ

Балкански женски MC? Ако имаш шанса дали би почнала одново и повторила сѐ? Која беше причината за да почнеш да се изразуваш себеси преку рапот за време и во текот на твоите студии? (Дали затвореноста на Академијата е дел од причината?

САЈСИ MC: Рапот во тоa време (кога почнав да се занимавам со него) беше во замав и јас мислев дека можам да бидам многу подобра од моите машки колеги. Така што мотив освен тоа што јас некое  пред тоа  пишував поезија и текстови,  мојот мотив беше јас да направам свој уникатен стил и да бидам единствена на сцената. Друг мотив ми беше тоа што со издавање на збирка поезија нема да направам ништо, а мојата порака ќе допре до многу повеќе публика ако ја преточам во музика, а и ми се допаѓа рапот како таков, како музички жанр. Ми се допаѓа што рапот е подлога која дава многу простор за секакво изразување и трпи сѐ,  не е како на пример ПОП музиката, таа има некои свои закони – мислам ги има и во рапот, ама во рапот е многу полесно да се кршат правилата. Плус не пеам, па рапот ми беше некакво решение, а мене ме интересира текстот, а рапот трпи многу текст. Па така сето ова се спои многу фантастично и така почна приказната. Јас самата влегов во таа приказна, во рапот, не влегов со некаква екипа, друштвото со кое се дружев не го интересираше рап, па поради тоа влегов сама и се заљубив во создавањето; пишувањето текстови, настапите. Па така јас го најдов рапот, тој ме најде мене. На почетокот беше тешко да се поврземе, ама океј. Сега сме во многу добри односи.
Во втората година од факултетот јас ја открив музиката и веднаш го ставив факултетот на второ место. Не на второ, на десетто, зошто како да ти кажам. Мене ми се промени перцепцијата и мене ми се промени животот откако почнав да се занимавам со музика и првите десет години од мојот живот музиката мене ми беше хоби. Јас работев опсесивно и со страст, ама тоа сепак беше хоби. Ама тоа хоби беше на прво место и со него се занимав 24 часа на ден. Мене факултетот ми помогна многу за да го сфатам светот и Факултетот за политички науки е доста генерален, ми помогна околку пишувањето на моите песни. Ама одев на факултет толку колку што музиката ми дозволуваше.
Имаме луѓе на улица кои се гладни и доста им е од теорија.
Можеби сега во овој момент кога луѓето знаат за мене, можеби тоа би предизвикало нешто или можеби луѓето би ја купиле книгата/ збирката зошто ја сакаат мојата музика и тоа би имало смисла, ама книжевниот круг во Србија е многу мал, па ако објавев пред 15 години, тоа би стигнало до педесет луѓе.
Академијата бара форма, јазик, правила, концизност, прецизност, јаснотија. А тоа во рапот не се бара затоа што коа академски се обраќаш ти се обраќаш на луѓето кои имаат некој факултет. Се обраќаш на еден слој луѓе. Јас така згрешив кога ја напишав АНТИФА КУЧКЕ, мислејќи дека сум јасна и сите ќе ме разберат, ама не ме разбраа. Ме разбраа само луѓе од Филозофски и ФНП, а тоа е моја погрешна процена и погрешна перцепција. Да дојдам до грешката потребно ми беше неколку години и искуство, односно работа на терен, зошто настапите се мојата теренска работа. Тогаш гледам која сум јас, како стојат работите. Кога одиш во некој сиромашен град во Србија да настапуваш, јасно ти е кај си дошол да настапиш. Ама јас немаше да дознаам како стојат работите ако не отидов таму и да дознаам. Така почнав да ја читам ситуацијата. Ама јас кога ќе отидам во некој град јас во стомакот ја чувствувам сиромаштијата, гладот, незадоволството, депресијата во тој град. Јас физички отидов таму, не отидов на Академијата да читам книга за тој град. Тоа е една фантастичкна работа да се дознае, едно е да се дознае со разумот, а друго е да се дознае со стомакот. Така што, сега да не кудиме ноторно, академскиот пристап е добар пристап, ама стигнува до многу мал број на луѓе. Потребно е и едното и другото, ама тука се наметнува друг проблем; луѓето од Академијата не се подготвени да ги извалкаат рацете, остануваат на ниво на теориите.
Белград е едно нашминкано чудовиште, финансиска концентрираност, некој мал прилив на пари. Во малите градови е правата слика на Србија. Имаме луѓе на улица кои се гладни и доста им е од теорија.
Со гладните луѓе не може да комуницира дефинитивно. И тоа понекогаш е многу голема болка. Не гледам начин како тоа може да се реши.
Една од причините поради која почнав да се бавам со музика е токму таа и моето его е позадоволно што повеќе луѓе ја слушаат мојата музика, да не се лажеме тоа е мојата цел. Сакав да бидам еден вид Лепа Брена. Или Цеца. Или Северина. Само тоа во рапот е малку потешко. Зошто таа форма не е до толку наменета за мејнстримот.

Дали е начитаноста важна за луѓето кои се бават со рап? Дали денешните MС се поетите на нашето време? Дали имаш некои писатели/поети кои имале влијание врз тебе? Каде е тенката линија помеѓу зборувањето за општествените проблеми денес и капиталистичката империја која е рапот денес? (пример: Џеј Зи)

 

 

САЈСИ МС: Поетите, раперите се хрoничари на нашето општество, а раперите се поети. Тука нема место за сомнеж без разлика на кој начин се занимаваш со рапот. Без разлика дали пишуваш текстови кој се римуваат или пишуваш текстови кои не се римуваат, сѐ е тоа поезија на крај, поезија која се рапува со бит, така што ако се тргне музиката ти остануваш со текстот и си поет. Е сега, тоа што јас се интересирам за книжевност, тоа е мој личен афинитет и мислам дека нема врска, ако си талент ти можеш тоа што не читаш и не си во книжевниот фазон да го надоместиш ако си добар рапер, ако можеш да го склопиш тоа во некоја целина. Зошто начитаноста не е поврзана со тоа колку си паметен. Има рапери кои се начитани и пак имаат проблем да се искажат. Тука е талентот најважната работа и начинот на кој пристапуваш до работите за разлика од твоите колеги, па така да ја запечатиш својата автентичност.

Тоа што јас лично сакам да читам и што ми годи, не е предуслов за да бидеш добар рапер.

Јас лично малку имам читано поети, читам проза, иако знам дека треба рамномерно да се читаат и двата жанрови, ама едноставно поетите не доаѓаа кон мене како што доаѓаа писателите. Е сега ако гледаме кого највеќе сум читала и чии книги највеќе поседувам тоа е Пељевин, Виктор Пељевин – руски писател кој има фантастичен стил. Ама автори кои директно влијаеле на мене се повеќе демо панк српски бендови како КONTEJNER A.D… Тие бендови имаа интересен пристап во пишувањето на текстовите, ама влијаеле врз мене зошто ги слушав во период кога се формирав. Бев фасцинирана од текстовите, музиката, атмосферата… Музиката е тука за да ти донесе некое искуство кое си го немал и поради тоа тинејџерите толку страствено слушаат музика и се внесуваат. Се сеќавам дека кога јас ги слушав тие ме носеа во некој друг свет и тоа беше малтене на ниво на магија. Тие мене ме инспирираа многу повеќе дури и од некои рапери кои почнав да ги слушам подоцна во средно.

Сите кои доаѓаат од гетото имаат мотив, еден и единствен; а тоа е да излезат од гетото. Ама мислам дека никој од нив не го заборава гетото, гетото останува во тебе без разлика колку ти си сега на друго место и без разлика дали си заработил многу пари, мислам дека ако се родиш во гето во гетото останува во тебе. Гетото те формирало и сега да одиш и на друга планета, тоа пак останува со тебе. Мислам дека Џеј Зи ги разбира проблемите кои сега постојат бидејќи тие проблеми постоеле и ќе постојат. Тоа се идентични проблеми и мислам дека тој и понатаму е чувствителен. Мислам дека никој не се менува. Мислам дека е невозможно луѓето да се променат. Мислам дека е возможно некои други работи да се променат, ама луѓето, нивната суштина, како се родени, мислам дека е невозможно. Ако јас одеднаш имам многу пари, и понатаму би ги сакала работите кои сега ги сакам и понатаму би размислувала исто, само би имала полесен начин да ги средувам практичните работи. Но, мојот вредносен систем би останал ист. Тоа што некои луѓе се расипуваат мислам дека не е поврзано со заработката, тие и претходно така размислувале, ама сега парите го покажуваат тоа.

Дали гледаш на рапот како твој сличен социјален експеримент или начин преку кој го споделуваш поетскиот начин на размислување? (Ги читав твоите колумни на domino.rs)

 САЈСИ МС: Дефинитивно и едното и другото. Ова сега ќе звучи доста егоистично ама јас рапот го користам за да го проширам мојот лик и моите дела на што повеќе луѓе, територии. Рапот е моето средство за експанзија, така што дефинитивно тој е и експеримент и средство за да ги проширам моите текстови, трипови и рими што повеќе. Рапот е прекрасна форма и да се заебаваш и правиш што сакаш. Рапот доста се промени за да преживее. Сега постои DRAKE кој успеа да продаде еден фазон, па потоа постојат траперите кои на почетокот сите им викаа дека немаат поим. Ама овие промени кај рапот се случуваат за тој да преживее и да донесе нешто ново, зошто публиката е презаситена од тој old-school фазон. Нормално е жанр кој постои толку долго да се менува. Истото се случи и со панкот и тој се смени. Сѐ зависи од публиката, пазарот. Ништо тука не е чисто самото по себе. Пазарот се менува и создава многу работи за кои ние не можеме да бидеме свесни.

Кои се тешкотиите за жена во музичката индустрија? Верувам дека проблемите се исти, но дали третманот во двете сцени (меинстрим и алтернативната) е различен? Те прашувам како раперка, старлета и божица.

САЈСИ МС: Мене ми беше животна лекција кога истапив на сцена на која претходно се мотаа некои момчиња. Јас на сцената излегов пред петнаесет години со толку отворено срце, дека тука сите сме собрани да направиме нешто, бев како некој хипик. Како некој хипик кој после некое време се претвора во воено лице, бесно. Бев среќна што открив дека можам да го работам и спознанието дека можам да создавам нешто мене ми беше, повторувам, ми го смени животот. Животот ми стана поубав, побогат. Со тој полетен став влегов во целата приказна и очекував, не знам зошто очекував сето тоа да биде толку феноменално, дека ете постои заедница и сите се дружиме. Меѓутоа, многу брзо ми стана јасно дека јас од својата најблиска околина не сум признаена како автор. Камоли од некоја поширока околина. Мене на почетокот тоа ужасно ме нервираше. Слушав коментари од своите колеги како моето его не е доволно големо за да се занимавам со рап зошто раперите го имаат тоа обележје, дека имаат многу големо его. А во тој момент моето его беше поголемо од сите нивни заедно затоа што јас го имав тој аматерски пристап според кој се што јас имав напишано сметав дека е феноменално и генијално. Кога ќе го забележиш таквиот пристап кај некој можеш да забележиш дека истиот е на почетокот и дека е аматер. Тоа бев јас. Колку помалку знаев, толку поголемо его имав. Колку помало искуство имав, толку повеќе накурчена бев.

Тоа го кажа еден мој колега кога моето его беше многу поголемо од неговото и имав голема желба да се докажувам. Доживував во клубот да довикуваат сенешто. Мене највеќе ми сметаше што тие не ме доживуваат сериозно. Јас бев многу сериозна во врска со сѐ. Бев многу сериозна во намерата да се бавам со рап. Знаев дека авторските текстови ми се адут, уште од самиот почеток пишував текстови на тој начин за да се разликуваат од нивните. Прифаќав дека сите сме различни MCs и дека тоа е нормално, да прифатиме различни стилови, ама тие не беа подготвени да го прифатат мојот различен стил и тоа многу ме повреди. Јас бев подготвена нив да ги прифатам, еден колега рапуваше gangsta rap, втор колега рапуваше некој метафизички рап, третиот колега рапуваше само за street life, и јас бев подготвена да ги прифатам, а тие мене не. И јас тоа го сфатив многу лично и сфатив каде сум и што сум и дека сакам да бидам дел од сцената и почнам да работам што е можно понезависно. Јас само на почетокот бев дел од заедницата, меѓутоа кога видов како стојат работите и кои се односите на моќ, многу брзо сфатив дека секогаш ќе морам да одам по потешкиот пат и не го модификував својот стил за да ме прифатат и добро е што не го направив тоа зошто тогаш би се сменила и не би била ваква каква што сум денес.
Алтернативната и меинстрим сцената се различни само на изглед,  функцонираат по исти принципи и шовинизмот постои и на едната и на другата сцена, ама облиците се различни.  Јас не припаѓам до крај ни на едната ни на другата сцена, мислам според ставовите сум андерграунд ама никаде не припаѓам до крај, па му доаѓа како да сум на некој испит, испит на музичката сцена.

СЕВЕРИНА ми се јави да се видиме и Северина е огромна царица и тогаш ми ја отпеа песната и јас бев во стил ова е фантастично, зошто ова е една феминистичка химна бидејќи текстот зафаќа многу нивоа кои на мене ми се фантастични, а сакав да ги обработам во една песна. Јас тука се фатив за тој лицемерен став на мажите за жените кои имаат силикони, каде што тие јавно ги осудуваат за тоа, а потајно се палат на нив и сигурно нема да одбијат ако една таква жена ги посака. Целото тоа лицемерие мене ужасно ми пречи. Па кога ја слушнав песната, најдов простор за обработка на темата во мојот дел од песната „balavis na mene dok pricas da sam prosta znam da bi skakao zbog mene sa mosta“. Исто така и предрасудата дека жените кои имаат силикони не знаат ништо за животот и не се професионални во својата работа е став кој сакавме да го разбиеме затоа што работите не смеат да се генерализираат, тоа е опасно. И мораш да имаш капацитет да се воздигнеш над ситуацијата и работите да ги гледаш поединечно. Поради тоа, таа песна на мене ми беше фантастична зашто Северина пее за една женска самоувереност кога вика  „volis kad je sve na curi pravo kada gledas je (a ja volim fejk) a ja volim da je meni lipo gdje god pipnem se…“ Таа буквално знае дека нејзиниот маж сака силикони, ама таа толку повеќе сака нејзе да и е убаво што ќе ги занемари машките желби и нема да им се подреди. Јас сметам дека тоа е еден многу прогресивен текст и многу добар за музичката сцена зошто обработува на добар начин една многу важна социјална појава. Така што многу се израдував на таа соработка, на текстот,  за која и да било песна, ако ме повика Северина, само ќе кимнам со главата и ќе кажам да. Тоа е многу просто, зошто таа жена е fucking божица. И многу голема чест ми е што соработував со нејзе зошто таа жена е фасцинантна.

 Во времето на fake-news и post-truth, твојот настап на ГРАНД ШОУ-то е панкерски потег! На кој начин современиот уметник треба да ја третира уметноста, што треба да направи за да го рефлектира хаосот на времето во кое живееме?

САЈСИ МС: За мојот настап во ГРАНД ШОУ, ако некој ми кажеше порано, јас немаше да му верувам, тоа е WOW… Тоа е одлично искуство, тоа е поентата на бавењето со музика, мора цело време да имаш нови искуства и да освојуваш нови сцени. За мене сцената на ГРАНД беше сцена која што јас морам да ја совладам. Тоа беше предизвик за мене. Особено бидејќи текстот е многу многу бизарен, зошто зборувам за седативи, зборувам за тоа како седативите сакам да ми дејствуваат, имам рима sedativ, sednem ti na vicgla tebi padne mrak, додека Саша Матиќ  седи позади мене и јас во моментот кога ја изговарам таа рима, јас го сфаќам значењето на таа рима и така доаѓаме до заклучокот дека јас сум сум ја спознала песната на бината на ГРАНД. А јас ја имам напишано. Ама не ми дошло на крај памет дека ќе ја изведувам песната пред слеп човек, тоа е стварно една многу заебана ситуација. Лесно би било ако на ГРАНД излегов со некој народњак, ама овој потег за мене беше позаебан. Јас седам на фотелја цело време и зборувам за работи за кои никој не зборувал до сега на ГРАНД.  Меѓутоа, многу луѓе не го разбраа тој потег и тоа е ок, јас изгубив многу фанови поради тоа, но тие не ни биле мои фанови ако не можеле да ја разберат мојата потреба да се појавам на ГРАНД. Секој што ме следи од почеток или сфаќа, ќе знае дека ова навистина е најпанкерскиот потег на српската сцена во последните десет години, отприлика.

 Мејстримот полека станува новата алтернатива. Дали алтернативната сцена донекаде го гуши и спречува уметникот да ја пренесе пораката до публиката и на тој начин да го стопира прогресот во чие име создава?

САЈСИ МС: Дефинитивно е точно дека андерграунд сцената може да го загуши изразот кај авторот и кога малку подобро ќе размислам истото се случува и кај мејнстрим сцената. Во мејнстримот исто така се казнува ако излезеш малку од рамката.  Еднственото прашање тука е дали авторот е подготвен на куп критики кој ќе го чекаат ако направи чекор кој не е по правилата. Тоа е како некој тест за авторите и на двете сцени; дали ќе може да застанат позади она што го направиле откако ќе започнат критиките. И тука се гледа кој е роден за да ја доминира сцената или ќе произведува нешто исто цел живот затоа што се плаши што ќе кажат или дали фановите ќе се почувствуваат изневерени.  Еден мој другар, Иван Михајловиќ инаку басист еден пат ми рече, цитирам: Таквото однесување е како да ја имаш публиката на ум додека ти ја креираш твојата музика и мислиш што тие ќе кажат и ќе мислат. Што значи дека ти уште на самиот  процес, на почетокот на создавањето, ти манипулираш и тоа веќе не е вистинско, тоа не е твојот вистински израз, туку го правиш од различни мотиви, посебно ако музиката ти е основен избор на заработка – тоа е многу заебана позиција ако себеси се сметаш за креативец. Ако се доживуваш како техничар, тоа не е проблем,  ако си техничар твоите пориви и глад не се исти со некој креативец. Така што сѐ е до авторот.
Јас сум свесна дека кога ќе направам нешто ново фановите викаат ЈААО ДАЛЕКО ЈЕ ДИЗНИ беше подобар… Например, кога го снимив 12 до 6 или ЕП-то КНВК тогаш фановите беа во стил: „Леле па 12 до 6 беше подобар…“ Најдобро е да заборават на тоа креативците, музичарите; на тоа што ќе кажат фановите зошто тоа едноставно влијае на музиката.

 Јас твоите текстови не ги читам како саркастични, но многу луѓе ги разбираат така. Дали тоа недоразбирање е поради фактот дека реалноста денес е луцидна и повеќеслојна поради идеолошкото лудило кое е насекаде околу нас?

 САЈСИ МС: Песната АНТИФА КУЧКЕ е пак некој вид мое растење и секоја песна што ќе направи некаков БУМ е нова фаза во мојата музичка зрелост. Секоја песна ми носи некакво ново искуство. И ме корегира. Кога се појави АНТИФА КУЧКЕ и кога се случи хаос во коментарите, имаше случаи кога десничари мислеа дека песната е афирмативна за нив, а левичарите беа збунети, тогаш јас застанав и сфатив дека текстот сум го напишала со речник кој не може секој да го разбере и дека мојот пристап е погрешен и дека тоа е многу снобовски и дека се обраќам само на луѓето од ФПН и Филозофски, што според мене беше ужасно. Ама тоа што најмалку сакаш, тоа ти се случува. Мислам јас ја сакам таа песна и тој начин на пишување, ама се носиш со тие последици и со фактот дека си напишала нешто што е прекомплицирано. Мислам, музиката може да издржи доста текст, ама ако го пренатрупаш текстот, музиката станува неслушлива. Па така таа песна беше погрешно сфатена и ја читаа како саркастична песна и бев во фазон дека таа песна нема да ја објаснувам ама после некое време во интервјуата почнаа да ме прашуваат за да ја објаснам.
Интересната работа е што многу, многу години подоцна на некој предмет се изучуваше Вебер и неговиот совршен модел и јас увидов дека при мојот пристап сум користела некој Веберов пристап за кој не сум знаела дека постои. Јас создадов две (суп)култури кои се утописки, значи немаме за нив во реалноста конкретен пример туку истите се создадени од идеи.
Вебер се обидува да ги објасни работите во неговиот пристап за совршен модел каде што тој пренагласува само некои одредени особини, како што јас ги пренагласив про – феминистичките дизел – батковци и антифа амазонките на кои им дадов тело какво во реалноста тие немаат т.е. можеби имаат ама перцепцијата на општеството за нив, за девојките кои се бават со некаков феминизам е дека тие се грди, премногу слаби или премногу дебели и јас тогаш решив дека тоа така не може и ужасно ме нервира и решив да ги направам девојките дека се најубавите девојки на светот и најзгодни рибетини. А дизел батковците не се прогресивни во српското општество, а јас ги направив така што тие сега се профеминистички настроени и левичари. Така сум направив чорба мислејки дека на сите им е јасно, а всушност не беше. Ама во овој случај јас едноставно се водев според моите афинитети што на крај испадна дека е снобовски и тоа сѐ уште ме убива хахаха…

Во твоите текстови ти често користиш зборови кои не се во склоп на српскиот јазик (англицизми, кратенки и сленг препознатлив на интернет) Кој е твојот став; дали употребата на тие зборови го збогатува српскиот јазик или пак го уништува? Па во тој контекст, дали раперите и интернетот ќе/се креаторите на јазикот во иднината?

 САЈСИ МС: Јазикот е флуиден. Така што сите тие пуританци кои се обидуваат да ја задржат чистотата треба да знаат дека тоа е залудно затоа што постои интернет, дека постои американската, западната популарна култура која има моќ. Тоа се доволно работи со чие постоење го прават тој пуристански обид залуден. Англискиот мене ми беше доминантен јазик затоа што сум слушала странска музика, пар, панк, поп…  Па дури и да не сакаш да зборуваш така, тоа ти влегува во говорот. И после тоа се појави нетот и тоа влијание се утрои. И сега веќе имаме јазик кој е интернет јазик и станува универзален за целиот свет и секој може да разбере што значи LOL, па дури и човек кој не знае англиски. Јас често го уништував српскиот јазик, кратејќи некој зборови и употребував англицизми како на пример ШАМЕ ОН МЕ што е SHAME ON ME, за да се издвојам. Јас можев да кажам SHAME ON ME, ама тоа би ме направило иста кaко другите, а тоа моето его не би го дозволило  и поради тоа почнав да измислувам зборови како поквареница, схаме он ме, и да го пишувам со ш не со х. Ама тоа е зошто јаs се бавам со зборови, бидејќи ова е едиствена моја – ќе ја наречам професија, јас не знам да користам обични зборови, ама тоа се зависи од стилот. Во мојот пристап во кој сакам да сум се пооригинална, јас почнав да ги кратам зборовите и да избегнувам некои падежи во име на римите. Тоа е целата поента, ама луѓето на кои тоа им смета, јас нив  навистина не ги разбирам. А лингвистите кои се бават со тоа, тие едноставно живеат во друг свет. Користење на англицизми во секојдневниот говор во Србија иритира, навистина иритира, ама таа култура; гледање филмови, серии, е толку доминантна што влегува во говор и секој ден го слушаш. И на крај, се разбира ние на крај почнуваме да го употребуваме секојдневно. А и некои зборови едноставно посилно звучат на друг јазик; јас почнав шпански да користам LOCA, LOCA, LOCA, звучи многу подобро отколку јас да викав ЛУДА, ЛУДА, ЛУДА. Почнав многу да го користам шпанскиот, во КОД ТВОЈЕ ДЈЕВОЈКЕ; mi bezimo iz sweg-a, no puedno mas, cime sam zasluzila ovoj do daski gas. Веќе толку многу го искористив англискиот што еве почнав да воведувам зборови како no puedo mas, зошто српскиот не ме задоволува.

Кој е твојот став за навраќањето кон 90тите, тренд кој моментално не е популарен само на Балканот, туку на глобално ниво? 

САЈСИ МC: Јас дури можев да претпоставам дека 90тите пак ќе се навратат и во модата… Океј за модата веќе сме навикнати, кај модата имаме констатно враќање. Ова навраќање не е чудно зошто 90тите поминаа многу брзо и никој не имаше време да се освести што тука се случуваше, после тоа 2000те настапија и сѐ сe одвиваше со голема брзина и јас ја разбирам потребата за повторно навраќање во 90тите и преџваќување на некои работи.  Тоа е декада која за ова општество беше доста сурова поради војната, Србија беше во катастрофална состојба, ама сепак беа тоа убави години  зошто ништо не е само црно бело што значи ништо не е само грдо или само убаво. И во сета таа суровост и неубавина се роди многу убави работи, Ама тоа едноставно е така, животот те тера така да функционираш. 90тите донесоа музичка сцена која е солидарна, во однос на околностите кои беа во земјава, имаше одлична соработка.

Сепак, мислам дека главната причина за навраќањето е тоа дека потребно е одново да се разрешат некои работи. Тоа е првото толкување, второто толкување е дека одредени структури во општествово кои се палат на 90, немаат оригинален одговор на оваа реалност во која живееме сега, па прибегнуваат кон форма која е веќе испробана, третото толкување е чистата носталгија. Ама сепак, овој одговор е од полусубјективен набљудувач, никогаш подлабоко не сум го анализирала. Јас ги сакам 90тите, јас растев во тој период и без разлика на тогашните санкции и редови пред продавниците – тоа е катастрофална слика, ама и без разлика на сето тоа, можеш да ја најдеш твојата среќа. Објективно, беше лошо време, ама не знам, можеше да се спасиш така што семејството се држи и преживува. Од тие причини, методите за преживување мораа да бидат многу креативни и снаодливи и така се родија многу работи.
Немам некој дефиниран став за ова прашање, гледам дека доста се експлоатираат 90те и тие мотиви, ама тоа е личен став зошто не го сакам тоа повторување.

Насловна фотографија:  Hana Adrović
Останато: Ivana Dobrnjac

 

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/sajsi-mc-cover-1024x576.jpghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/03/sajsi-mc-cover-150x150.jpgИвана СмилевскаМузикажени,идеологија,интервју,интимност,култура,поезија,политика,постмодернизам,рап,систем,слобода,традиција,феминизамВториот дел од рап фељтонот го продолжуваме со интервјуто на SAJSI MC, српската раперка која константно ги поместува границите на рапот. Во интервјуто промуабетивме за рапот како поезија на новото време, разликата помеѓу алтернативната и мејнстрим сцената, гетото и денешната популаризација на рапот, флуидноста на јазикот, враќањето на 90тите...Нова мисла на пресушената почва.