Aвторка која е сместена во полето на магичниот реализам, донекаде припадничка и на надреализмот и научната фантастика. Ангела Картер е писателка на „готски“ наративи или така наречената книжевност на ужасот. Феминистички ориентирана но со еден невообичаен пристап, со огромна доза на иронија кон суштинските дидактички аспекти. Збирката разкази „Крвавата одаја и други раскази“ ставена под светската критичка лупа не наидува на рамнодушност. Картер во книгата прави фасцинантна обработка на најпознатите бајки. Ги обработува преку феминистички аспект, прави спој на реалното и неочекуваното. Комбинација на сон, бајка и мит. Ги руши сите табуа со што води кон еманентно отстапување од сите граници, ужас претставен преку слика на сексуалноста. Ја поместува целата слика на бајката, но го задржува контекстот. Во расказите од збирката Картер со евокативна употреба на архетипските содржини внесува нова нијанса на потенцијал, донекаде открива и нови значења на старите приказни кои се земени како основа на секој нејзин расказ. Инспирација црпи од преработките на Шарл Перо, збирките на браќата Грим, или пак од филмовите на Волт Дизни. При самото читање се препознаваат едни од најпознатите приказни за Црвенкапа, Заспаната убавица, Снежана и многу други.

Со елементот на модернизација, го ослободува женскиот лик од експлицитната патријархална дидактика. Во расказите умешно го доловува чувството на страв и ужас, на ликовите им додава одредена наивност со која ги носи на работ на погубноста. Иако можеби за бајката не е својствено, сепак го интегрира и еротизмот со што го проблематизираат уште толку мотивот на моралната поука што самиот читател е навикнат да ја добива при читањето на овој вид раскази.

Оваа антологија содржи десет селектирани ракази и тоа: „Крвавата одаја“, „Додворувањето на Господин Лавот“, „Невестата на тигарот“, „Мачорот во чизми“, „Самовилскиот крал“, „Снешка“, „Господарката на куќата на љубовта“, „Врколак“, „Глутница волци“ и „Волчица – Алиса“. Оваа листа на бајки се одамна присутни во популарната култура и ни се добро познати.  Повторувањето на мотивите што се преобразуваат едни во други ја гради содржината на целата збирка. Во времето кога е објавена (1979 година) книжевната критика ги претставува овие раскази како „верзии на веќе познати бајки“, но Картер не се согласува со таа карактеризација. Таа отворено зборува за тоа дека нејзина цел било да ја изнесе на виделина латентната содржина на традиционалната бајка.

Еден од расказите се фокусира на приказната за Синобрадиот. Приказна која Шарл Перо ја има прераскажано во 1697 година. Перо претставува стар и богат благородник кој е симбол на ужасот со многубројните бракови како и фактот дека никој не знае што се случува со неговите сопруги кои мистериозно умираат или исчезнуваат. Се пресликуваат истите ситуации и во расказот на Картер. Прави извонредни, книжевно иновативни експерименти кои резултираат со истата тема но со поголема мистика и длабочина.

Наивна млада девојка се омажува со богат француски маркиз кого воопшто и не го сака, но поради околностите и сиромаштијата во која живее сепак решава да се омажи со него. Тој ја носи во неговиот огромен замок, со што постепено се насетува мистериозноста со која Картер на маркизот му дава и експлицитни садистички каракатеристики. Маркизот мора да го напушти замокот поради службено патување и и ги дава сите клучеви од сите одаи во замокот со цел да ужива во целото богатство кое сега е и нејзино но и забранува влез само во една од одаите. Љубопитноста на девојката во негово отсуство ја води до откривање на мистеријата и тајните провлечени со истата, со отклучување на собата –  го наоѓа телото на една од неговите претходни сопруги во ковчег. Балсамирано женско голо тело покриено со скапоцен и редок вел. Преплашена од ужасната гледка и ентериерот на мрачната одаја таа го испушта клучот од одајата во крв и после секој обид да го исчисти не успева. Гневниот сопруг се враќа порано од патувањето во Лондон и открива дека таа влегла во собата во која тој претходно концизно и забрани. Се подготвува да и го заврши животот како и на соте претходни негови сопруги. Решен да ја додаде во својата колекција на трупови преку чинот на обезглавување. За огромна среќа и бајката да биде достојна на нејзиниот среќен крај жената успева да се спаси во последен миг кога во моментот пред да биде убиена, нејзината мајка влегува во замокот и го спречува чинот на убиство на својата ќерка. Мајката на младата сопруга го убива злосторникот и потоа тие живеат спокоен и хармоничен живот наследувајќи го целото наследство. Подоцна девојката се преженува со клавир штимерот кој претходно бил вработен во замокот да ја регулира исправноста на клавирот на кој таа свири. Огромното богатство го делат низ народот, замокот го претвараат во училиште за слепи деца. Оваа приказна е инспирација за сознавање на филмови, театарски претстави, опери и книги..

Дијалог со традиционалната приказна за Синобрадиот е присутен, приказна од која црпи целосна инспирација преку редоследот на настаните. Но сепак на крајот фокусот се поместува и се потенцира женската индивидуа. Имено, присутен е и митот. Се спомнува и митската инверзија за Пандора односно мистеријата на „Пандарината кутија“ и тајната што се крие во неа. Пандорината кутија во случајот со овој расказ е отварањето на мисериозната одаја чиј влез е строго забранет за секој освен маркизот. Оваа ненаметлива микстура со вметнување на митски наратив е постапка која често се среќава во книжевноста. Исто така се вклучува и легендата, односно легендата за „замокот на убиства“ кој е присутен во расказот. Во дамнешни времиња се зборувало дека имало некој маркиз кој одел на лов по млади девојки на копното, ги ловел со кучиња, како да се лисици. Се применува интертекстуалноста за да создаде една нестабилна серија од слики кои ги енкодираат темите присутни во овој расказ.

Преку извонредните книжевни остварувања, Ангела Картер успешно ја оживува бајката. Ги реактуелизира приказните мешајќи го традиционалното со модерното со цел да се претстави нагласената сензуалност. Хибрид на мит, сон, еротизам и бајка. Реактуелизацијата на бајката сега се смета за извонредна креативност. Мешањето на жанровите што го прави Картер, полека станува поетска доминанта. Играјќи си со хибридизација им вдахнува „дополнителен живот“ во тотално поразлична форма на старите приказни!

http://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/01/NOVA.pnghttp://static1.pirej.mk/wp-content/uploads/2018/01/NOVA-150x150.pngИрена ТрајковаКнижевностанализа,жени,идеологија,книги,книжевност,критика,литература,постмодернизам,феминизамAвторка која е сместена во полето на магичниот реализам, донекаде припадничка и на надреализмот и научната фантастика. Ангела Картер е писателка на „готски“ наративи или така наречената книжевност на ужасот. Феминистички ориентирана но со еден невообичаен пристап, со огромна доза на иронија кон суштинските дидактички аспекти. Збирката разкази „Крвавата...Нова мисла на пресушената почва.